Новак Ѓоковиќ, еден од најдобрите тенисер на сите времиња и моментално трет на светската ранг-листа, беше елиминиран во осминафиналето на Мастерсот во Индијан Велс.
Го победи 14 години помладиот и 14. тенисер во светот, Џек Дрејпер. Бранителот на титулата на турнирот во калифорниската пустина, кој поради својата сила и престиж го нарекуваат „Петтиот Гренд слем“, славеше со 4:6, 6:4, 7:6.
Ѓоковиќ трет меч по ред играше во три сета, што на крајот се покажа пресудно за искусниот тенисер.
Во последниот дел од мечот против Дрејпер тој речиси престана да трча и да скока при сервисот, откако целосно се исцрпи по неверојатниот поен во првиот гем од третиот сет.
При резултат 30:30, Ѓоковиќ тргна во напад како да е во најдобрите години. Тој и Дрејпер разменија дури 26 удари од различни позиции на теренот. Двајцата тенисери се бранеа и напаѓаа, покажувајќи ги сите технички и тактички вештини.
Дрејпер неколку пати се обиде со скратени топки, но Ѓоковиќ успеваше да ги стигне. На крајот мрежата му помогна на српскиот тенисер да дојде до гем-топка.
По освојувањето на поенот, Ѓоковиќ остана да лежи на теренот, додека публиката во Индијан Велс го награди со гласни овации и аплауз.
Иако го освои епскиот поен, се чини дека токму тој момент му ја одзеде енергијата потребна за победа. Веднаш потоа го загуби сервисот. Успеа кратко да се врати во мечот, но на крајот сепак попушти.