Научниците пронашле череп од Homo erectus – древен човечки предок – на дното на морето покрај брегот на Индонезија, во Мадурскиот теснец меѓу островите Јава и Мадура. Черепот бил сочуван повеќе од 140.000 години под слоеви на кал и песок. Ова откритие би можело драстично да го промени разбирањето за човечката еволуција.
Според експертите, ова локација би можела да биде првиот физички доказ за изгубениот свет познат како Сундаланд – праисториско копнено подрачје што некогаш ги поврзувало регионите од Југоисточна Азија во огромна тропска низина.
Освен човечките остатоци, истражувачите пронашле и над 6.000 фосили од животни, вклучувајќи видови како комодски варани, биволи, елени и изумрен род на слонови – Stegodon. Некои фосили покажуваат траги од сечење, што укажува на напредни ловечки техники на раните луѓе.
Иако фосилите биле извадени уште во 2011 година за време на ископи на морски песок, тие биле детално анализирани и класифицирани дури неодамна, што претставува голем пресврт во полето на палеоантропологијата.
Археологот Харолд Бергхајс од Универзитетот во Лејден, кој го предводеше истражувањето, вели дека овој период се одликува со голема морфолошка разновидност и подвижност на хомининските популации.
Истражувањето открива дека остатоците потекнуваат од регионот на реката Соло – денес веќе потопена од океанот – и припаѓаат на доцниот среден плеистоцен (помеѓу 162.000 и 119.000 години п.н.е). Во тој период, териториите на Сундаланд биле покриени со богати речни екосистеми.
Меѓу пронајдените остатоци се два фрагменти од човечки череп – фронтален и париетален дел – кои се совпаѓаат со познати Homo erectus фосили од локалитетот Самбунгмачан на Јава. Ова потврдува дека пронајдените остатоци несомнено припаѓаат на оваа древна човечка врста.
Homo erectus претставува клучен момент во еволуцијата – тоа биле првите хоминини со тело слично на денешниот човек: повисоки, мускулести, со подолги нозе и пократки раце.
Животинските фосили откриваат и други важни информации. Пронајдени се коски и заби од елени – добар показател за животна средина со отворени шуми и обилна вегетација. Исто така, присутни се и фосили од антиопи, што дополнително потврдува постоење на савани и отворени пасишта, а не густи шуми.
Наодите се од огромно значење бидејќи претставуваат прв директен доказ за присуство на човечки предци на денес потопените територии на Сундаланд. Тоа укажува дека географските граници на Homo erectus биле многу пошироки отколку што се мислеше.
Истражувањето исто така покажува дека подводните предели се клучни за разбирањето на човечката еволуција и миграција низ Југоисточна Азија. Комбинирањето на геологија, археологија и палеоекологија може да открие изгубени поглавја од човечката историја, скриени под морската површина.
Се надева дека со напредокот на технологиите за подводни истражувања, наскоро ќе се откријат нови траги од древни населби, фарми и култури – потопени во морските длабочини од одамна заборавени земји.