Зошто одбирам неважечко ливче во Град Скопје и општина Кисела Вода ? Не затоа што не ми е гајле. Токму спротивното – затоа што ми е! Затоа што ми е гајле доволно за да излезам, но да не изберам. Затоа што одбивам да бидам дел од избор меѓу подеднакво истрошени опции.
Во јавниот дискурс, неважечкото ливче најчесто се смета за „грешка“ или „неинформираност“. Но, токму тоа е најголемата заблуда. Неважечкото ливче не е грешка – тоа е изјава. Тоа е став. Тоа е еден од последните начини на мирен политички протест во систем кој одамна заборавил да слуша.
Свесна дека неважечкото ливче формално не носи промена во резултатот – туку го зголемува процентот на излезност, одбирам да го „потрошам“ мојот глас. И тука е парадоксот: со еден чин ја потврдуваме легалноста на изборите, но го доведуваме во прашање нивниот легитимитет.
Но, ако го промениме наративот секое зголемување на бројот на неважечки ливчиња е индикатор дека понудениот избор не претставува реална демократска волја, туку замор, недоверба и фрустрација.
Тоа не е тишина – тоа е протест што не вика, но се слуша. Тоа е одраз на граѓанска зрелост, не на апатија. Зашто апатијата останува дома, а протестот оди до гласачкото место.
Да не излезеш на гласање значи да се помириш со безнадежноста. Но, да го предадеш своето неважечко ливче значи да кажеш: „Јас сум тука, ме интересира, но нема да го легитимирам изборот што не ме претставува.“ Тоа е чин на политичка совест, на човек кој не ја отфрла демократијата, туку го одбива нејзиниот деформиран облик.
Овој чин претставува свесна одлука да не му дадеш легитимитет на систем што не заслужил доверба. Тоа е сигнал – дека луѓето не се рамнодушни, туку уморни од празни ветувања, празни лица и празни зборови.
Гневот зад белото ливче:
На овие локални избори, бројот на неважечки ливчиња беше повисок од очекуваното. Во 2017 година беа забележани 45.551 неважечки ливчиња при излезност од 60,8%, додека во 2021 година нивниот број порасна за над 25%, иако на гласање излегоа речиси 10% помалку граѓани. Денес, излезноста повторно опадна на 40,46%, а бројот на неважечки ливчиња изнесуваше 53.713 во првиот круг и околу 10.314 во вториот круг.
И тоа не е статистичка случајност.
Тоа е рефлекс на општа апатија – од кампањи што звучеа како да се пишувани во 1995-та, од ветувања што се претставуваат како визија, а се всушност елементарни права. Кога кандидатите зборуваат за „вода“, „пат“, „канализација“ и „чист воздух/чиста средина“ како за големи ветувања, тоа повеќе не мотивира – тоа понижува. Зашто тие не се ветувања, туку потсетник дека системот не ја завршил својата најосновна работа. Од спротивната страна на минималните ветувања стојат ветувања што се апсолутно неизводливи во предвидениот мандат — и токму таа крајност, меѓу невозможните ветувања и нереализираните основни обврски, ја покажува вистинската димензија на политичката манипулација.
Неважечките ливчиња се огледало на една граѓанска свест која почнува да зрее. Тие покажуваат дека демократијата не се мери само со излезност, туку со доверба. Легалитетот може да се брои, но легитимитетот мора да се заслужи. А кога бројот на неважечки ливчиња расте, тоа е јасна порака: народот не молчи, само не верува.
Во вистинска демократија, овој број не треба да се крие, ниту да се минимизира. Тој треба да се чита како отчет на системот – колку луѓе повеќе не гледаат смисла во понудата, толку повеќе политиката мора да се преиспита.
Граѓанскиот протест во најмирна форма
Неважечкото ливче е чин на мирен политички отпор, форма на активна апатија што ја демаскира инерцијата на политичките елити. Тоа е симбол на граѓанин кој не го отфрла правото на избор, туку бара подобар избор. Затоа неважечките ливчиња не треба да се толкуваат како „проблем“, туку како симптом на колективно будење. Тие се потсетник дека демократијата не умира кога луѓето ќе замолчат – туку кога ќе престанат да се надеваат.
На крајот, неважечкото ливче не е празен лист.
Тоа е испишано со лутина, иронија и умор од надеж. Тоа е бело платно на кое граѓанинот не го остава својот глас – туку својата порака. И можеби токму тие празни квадрати зборуваат најгласно: дека ниту еден кандидат не го заслужил довербениот потпис, но дека народот сè уште ја заслужува демократијата.
Она што го гледаме на политичката сцена не е судир на идеи, туку на егоа — спектакл без суштина во кој дебатата се претвора во натпревар на сила, а не на визија. Сè додека во прв план е партиската пропаганда, а во позадина течат снимки од истите еколошки и општествени катастрофи што тие ги создадоа, јасно е дека ниту една опција не нуди решение, туку само ново алиби.
Граѓаните не бараат чуда, туку чист град, чист воздух и чист тендер — симбол на систем што конечно ќе работи чесно, транспарентно и одговорно. И сè додека политиката ни нуди личности без визија, а не визија со личности, правото да го прешкртам ливчето останува најчесниот чин на политички отпор.
Ќе го изберам изборот да не изберам никого – да се бунтувам тивко, сè додека не излеземе од маѓепсаниот круг на бирање партија наместо визија за подобро општество.

