„Неутралноста нема да нè заштити“: Австрија размислува за членство во НАТО?

Австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајзингер, изјави дека е подготвена да отвори дискусија за евентуално напуштање на долгогодишната воена неутралност на Австрија и можно приклучување кон НАТО.

„Едно е јасно – неутралноста сама по себе нема да нè заштити. Во моментов нема мнозинство ниту во парламентот, ниту меѓу населението за пристапување во Северноатлантската алијанса, но една таква дебата би можела да биде мошне продуктивна“, изјави Рајзингер за германскиот весник Die Welt.

Министерката истакна дека Австрија се фокусира на засилување на одбранбените капацитети и градење партнерства во контекст на сè понеизвесната глобална безбедносна ситуација и, како што рече, сè поагресивната Русија.

„Не посакувам триумфален влез во НАТО. Но не можеме да седиме со скрстени раце и да мислиме – ако ние никого не нападнеме, никој нема да нè нападне нас. Тоа би било наивно. Светот се промени. Сакам да нагласам: веќе имаме партнер што нè штити – тоа е Европската Унија“, рече Мајнл-Рајзингер.

Таа потсети дека Австрија веќе придонесува значајно за европската безбедност – преку учество во мировни мисии на ЕУ, финансиска, воена и политичка поддршка на заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

На крајот, министерката оцени дека австриската неутралност суштински се променила уште со влезот на земјата во ЕУ во 1995 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни