Огласувачкиот бизнис на Netflix забележа значителен раст во 2025 година, со приходи од 1,5 милијарди американски долари, повеќе од двојно во споредба со претходната година. Од компанијата наведуваат дека овој тренд е сè уште во рана фаза и очекуваат понатамошна експанзија на овој сегмент во 2026 година, со проекции за приходи од околу 3 милијарди долари.
Растот на приходите од реклами е тесно поврзан со зголемувањето на бројот на корисници на поевтиниот претплатнички пакет со реклами. Иако овој пакет не е достапен во многу земји, вклучително и во Македонија, до мај 2025 година тој достигна повеќе од 94 милиони активни корисници месечно.
Netflix планира дополнително да ја зајакне својата огласувачка понуда преку воведување нови алатки базирани на вештачка интелигенција. Меѓу нив се формати што овозможуваат интеграција на реклами директно во сцените од серии и филмови. Исто така, во текот на вториот квартал од оваа година најавено е прикажување интерактивни видео реклами.
Според финансискиот извештај за четвртиот квартал од 2025 година, вкупните приходи на Netflix пораснале на 12,05 милијарди долари, додека бројот на претплатници достигнал 325 милиони на глобално ниво.
