Околу 90 милиони корисници на Netflix наскоро можеби ќе останат без пристап до услугата, откако компанијата почнува да ја укинува поддршката за постари уреди. Меѓу нив е и популарната конзола PlayStation 3. Ова е дел од стратегијата за напуштање на застарен хардвер.
Корисниците на PlayStation 3 веќе пријавуваат пораки на своите екрани кои информираат: „За жал, Netflix од 2 март 2026 повеќе нема да биде достапен на овој уред. Листа на поддржани уреди можете да најдете на netflix.com/compatibledevices.“ Новите конзоли PlayStation 4 и PlayStation 5 не се погодени од оваа промена.
За оние што сè уште користат PS3, Netflix може да се гледа преку современи паметни телевизори со вграденa апликација или преку евтини streaming stick уреди кои нудат подобри перформанси.
PlayStation 3 е продаден во околу 87,4 милиони примероци, а според податоците од крајот на 2023, речиси два милиона корисници и натаму ја користат конзолата секој месец. Аналитичарите предупредуваат дека и старите паметни телевизори, постари од десет години, наскоро можеби ќе изгубат поддршка за Netflix.
Претходно, Netflix го укина користењето на стари Fire TV уреди, апликацијата беше тргната од постари модели на Apple TV и паметни телевизори, а во 2023 и на Sony телевизори произведени помеѓу 2011 и 2013.
Netflix постепено ја укинува поддршката за постари уреди за да се фокусира на новите технологии и да одржува повисоки стандарди за квалитет на сликата и безбедноста. Старите уреди често немаат доволно процесорска моќ или софтверска архитектура за пренос на содржина во висока резолуција или за примена на современи протоколи за заштита на податоци.
Новата промена доаѓа два месеца по укинувањето на можноста за директно пренесување на содржина од мобилен на телевизор. Корисниците сега мораат да користат апликацијата на телевизорот за пребарување и репродукција. „Castanje“ сè уште е возможно само со стар хардвер, како оригинален Chromecast од 2013, и тоа само за поскапите пакети без реклами, што предизвика незадоволство кај претплатниците.