Netflix можеби ќе го врати „Mindhunter“ – три филма наместо трета сезона?

Иако Netflix уште во 2023 година официјално објави дека нема да има трета сезона од култната криминалистичка серија „Mindhunter“, изјавите на актерот Холт Мекалани му дадоа нова надеж на фандомот.

Серијата, сместена кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите години, ја прикажуваше еволуцијата на криминолошката психологија и профилирање во рамки на ФБИ, и беше омилена и кај критиката и кај публиката. Нејзин креатор е Џо Пенхол, а извршен продуцент и режисер на бројни епизоди беше познатиот Дејвид Финчер.

Првите две сезони се емитуваа во 2017 и 2019 година, по што следуваше тишина – сè до неодамна.

Нов формат: три двочасовни филма?

Промовирајќи ја својата нова серија „The Waterfront“, што излегува на Netflix на 19 јуни, Мекалани во интервју за CBR откри дека неодамна имал состанок со Финчер и дека се размислува „Mindhunter“ да се врати во форма на три двочасовни филма.

„Тоа засега е само можност“, рече Мекалани. „Знам дека неколку сценаристи веќе работат на проектот, но сè зависи од тоа дали Финчер ќе биде задоволен од сценаријата.“

Љубовта кон актерската хемија и Бродвеј

Холт Мекалани ја истакна и својата желба за повторна соработка со Џонатан Гроф, кој во серијата го играше агентот Холден Форд. Тој го пофали Гроф за неговата последна улога во преставата „Merrily We Roll Along“ на Бродвеј, за која Гроф освои наградата Тони за најдобар актер во драма во 2024 година.

„Гледав четири пати! Тоа е најдобрата претстава што сум ја видел во последниве 20 години“, изјави Мекалани, додавајќи дека Гроф е „едноставно блескав“ и дека соработката со него е една од главните причини зошто би сакал да се врати „Mindhunter“.

Netflix останува „дома“ на проектот

Ако проектот се реализира, новите филмови ќе се емитуваат повторно на Netflix. Мекалани вели дека, со оглед на тоа што и неговата нова серија е под истата стриминг-платформа, логистички сè е возможно, но повторно – сè зависи од времето, волјата и креативното одобрување на Финчер.

„Тоа е големо прашање за сега“, завршува Мекалани – но за фановите на „Mindhunter“, ова е повеќе надеж отколку што постоеше досега.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни