Netblocks, глобалниот набљудувач на интернетот кој работи на пресекот меѓу дигиталните права, сајбер безбедноста и управувањето со интернетот, денеска соопшти дека пристапот до онлајн платформите – меѓу кои се X, YouTube, Instagram, Facebook, TikTok и WhatsApp – е ограничен во Турција на повеќе мрежи.
Netblocks соопшти дека блокирањето на пристапот до овие платформи се случило откако главната опозициска Републиканска народна партија (CHP) повикала на протестни собири, откако полицијата поставила барикади околу седиштето на партијата во Истанбул, пренесува Reuters.
Според податоците на Турското здружение за слобода на изразување, кое ја следи локалната интернет-цензура, проблемите со пристапот започнале во текот на минатата ноќ, со намалена брзина и проток кон платформите.