Нетанјаху нареди пристап за латинскиот патријарх до Црквата на Светиот Гроб

Откако израелската полиција го спречи кардиналот Пјербатиста Пицабала да служи литургија за Цветници, Нетанјаху интервенираше и нареди да му се овозможи непосреден пристап до светилиштето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изминатата ноќ нареди да му се овозможи неограничен и непосреден пристап до Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим на латинскиот патријарх, кардинал Пјербатиста Пицабала, откако тој претходно беше запрен од полицијата да влезе и да служи литургија за Цветоносна недела. Одлуката следуваше по остри критики во јавноста и реакции од странски политичари, додека израелските власти инцидентот го оправдаа со безбедносни причини поврзани со војната со Иран.

Пицабала, кој е највисок католички претставник во Светата земја, во неделата сакал да ја служи традиционалната литургија за Цветници во Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим, но бил запрен од израелски полицајци и замолен да се повлече. Латинската патријаршија на Ерусалим овој потег го оцени како сериозен преседан.

Инцидентот предизвика бран осуди. Италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека спречувањето на пристапот за кардиналот претставува навреда не само за верниците, туку и за секоја заедница што ја признава верската слобода.

Реагираше и Армин Лашет, претседател на Комитетот за надворешни работи во германскиот Бундестаг, кој оцени дека станува збор за неприфатлив чин. Според него, забраната за претставникот на Папата да ја посети најсветата христијанска локација во Страстната седмица значи нарушување на вековната традиција на слободен пристап до Црквата на Светиот Гроб.

Израелската полиција, пак, соопшти дека светите места во Стариот град во моментов се затворени од безбедносни причини поради војната со Иран, особено објектите што немаат стандардни засолништа.

Во својата објава, Нетанјаху наведе дека кардиналот бил замолен да не служи литургија во црквата поради посебна загриженост за неговата безбедност. Тој посочи дека во последниот период делови од ракети паднале на само неколку метри од Црквата на Светиот Гроб.

И покрај тоа, израелскиот премиер соопшти дека им наложил на надлежните органи да му овозможат на Пицабала пристап и право да ги служи богослужбите онака како што самиот ќе одлучи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни