Говорејќи на церемонија за доделување дипломи на новообучени пилоти на израелските воздухопловни сили, Нетанјаху изјави дека целта на програмата е да се обезбеди стратешка автономија на земјата во производството на оружје и опрема. Тој нагласи дека Израел има намера да ја намали зависноста и од „пријателски земји“, пренесуваат израелските медиуми.
Во тој контекст, Нетанјаху ја спомена Германија, наведувајќи дека Берлин, како и други држави, настојува да купува „сè повеќе и повеќе“ системи за наоружување од Израел. Односите меѓу двете земји беа затегнати откако Германија привремено стопираше дел од извозот на оружје за Израел поради војната во Газа, во која загинаа илјадници цивили.
Покрај Германија, и други европски држави, како и Соединети Американски Држави, најблискиот сојузник на Израел воведоа одредени ограничувања, што израелскиот премиер јавно ги критикуваше. Според него, новиот инвестициски план има за цел да обезбеди долгорочна безбедност и независност на израелската одбранбена индустрија.
Минатата недела Германија и Израел потпишаа договор за проширување на ракетниот одбранбен систем Arrow 3, кој ќе биде испорачан на германските вооружени сили. Системот е наменет за заштита од потенцијални балистички ракетни напади.
Според израелски официјални лица, вкупната вредност на договорот вклучувајќи го и основниот систем изнесува околу 6,7 милијарди долари, што го прави најголемиот договор за наоружување во историјата на Израел. Германија со децении е еден од клучните снабдувачи на Израел со воена опрема, а соработката меѓу двете земји останува значајна и покрај повремените политички тензии.
Извор: Index.hr