Нетанјаху и Трамп на средба во Вашингтон по индиректните преговори меѓу САД и Иран

Нетанјаху во среда ќе се сретне со Трамп во Вашингтон. Во фокусот се нуклеарните преговори со Иран, ракетната програма и безбедносните тензии на Блискиот Исток.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во среда ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, а во фокусот на разговорите ќе бидат последните индиректни преговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Во краткото соопштение се наведува дека Нетанјаху смета оти секоја идна спогодба мора да вклучува ограничување на иранската балистичка ракетна програма и прекин на поддршката за т.н. „иранска оска“, алудирајќи на поддршката што Техеран им ја дава на вооружени групи во регионот.

Средбата доаѓа само неколку дена откако САД и Иран одржаа индиректни разговори во Оман, кои, според оценките, завршиле без конкретен напредок и го вратиле процесот на почетната точка. Американскиот претседател Трамп разговорите ги оцени како „многу добри“ и најави продолжување веќе на почетокот на следната недела.

Вашингтон на разговорите беше претставен од специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и од Џаред Кушнер, зетот на Трамп.

Трамп во изминатиот период повеќепати се закани со употреба на сила доколку Иран не прифати договор за својата нуклеарна програма, откако САД испратија носач на авиони и дополнителни воени бродови во регионот, во контекст на жестоката репресија врз протестите во Иран.

Од иранска страна, министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека ракетната програма на Иран „никогаш не била и нема да биде предмет на преговори“, нагласувајќи дека меѓу двете страни постои „многу длабока недоверба“.

Тој потсети на минатите разговори, кога, според неговите зборови, САД ги бомбардирале иранските нуклеарни постројки за време на минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, предупредувајќи дека Техеран би ги таргетирал американските бази во регионот доколку биде нападната иранска територија.

Иако разговорите ги оцени како „добар почеток“, Арагчи истакна дека патот до градење доверба ќе биде долг, додавајќи дека продолжувањето на преговорите се очекува „наскоро“. Во исто време, тој ја критикуваше, како што ја нарече, „доктрината на доминација“, со која, според него, Израел го проширува својот воен арсенал, додека врши притисок врз другите држави во регионот да се разоружаат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни