Компанијата Nestlé најави дека ќе укине 16.000 работни места на глобално ниво во следните две години, како дел од напорите за поедноставување на работењето, фокус на производи со висок профит и зајакнување на добивката под водство на новиот извршен директор Филип Навратил.
Од вкупниот број, 12.000 работни места се административни и менаџерски позиции, додека 4.000 ќе бидат во производствениот и логистичкиот сектор, вклучувајќи синџир на снабдување.
Фокус на брендовите кои носат најголема добивка
Овие отпуштања се дел од поширок план за реструктуирање и инвестирање во најуспешните брендови на Nestlé — како кафе, чоколади и премиум производи.
Следната фаза е стратешка ревизија на портфолијата, вклучувајќи ја дејноста со вода, премиум пијалаци и додатоци во исхраната (витамини и суплементи).
Причини: слаб раст и зголемени трошоци
Оваа реорганизација доаѓа поради: пад на вредноста на акциите од околу 35% од 2022 година, слаб раст на продажбата: само 2,2% во 2024 година — најниско ниво во последниве години, 1,9% помалку нето-приходи во првите 9 месеци од 2025 (вкупно CHF 65,9 милијарди / €70,96 милијарди) и зголемени надворешни трошоци и трговски бариери, како новите 39% увозни царини од САД за швајцарски производи
Сепак, Nestlé очекува да заштеди приближно 1 милијарда швајцарски франци годишно, со вкупна цел за заштеда од 3 милијарди до крајот на 2027 година.
Криза во раководството
Компанијата во последниот период се соочи и со раководствена нестабилност: поранешниот извршен директор Лоран Фреше беше отпуштен во септември поради непријавена романтична врска со подредена колешка, што е прекршување на етичкиот кодекс на Nestlé. Претседателот Пол Булке замина предвреме, а на негово место беше назначен Пабло Исла, поранешен CEO на Inditex (матична компанија на Zara). Новиот CEO, Филип Навратил, кој ја започна оваа реорганизација, изјави дека Nestlé мора „побрзо да се менува“ за да остане конкурентна во брзорастечкиот глобален пазар.
Позитивни знаци: раст на продажбата и скок на акциите
И покрај турбуленциите, Nestlé објави подобри од очекуваните резултати за првите девет месеци од 2025 година органски раст на продажбата е забележан во главните категории, особено со пораст на цените на брендови како Nescafé, KitKat и Maggi. Во третиот квартал од 2025, остварен е раст од 1,5% на реалниот внатрешен раст — многу над очекувањата на аналитичарите (0,3%)
Овие резултати предизвикаа раст на акциите на Nestlé од над 8% во текот на четвртокот напладне.
Иднина: надеж за стабилен раст
Компанијата е оптимистична и ги задржа годишните проекции, очекувајќи подобар раст на органската продажба во споредба со 2024 и оперативна маргина од 16% или повеќе
„Акциите на Nestlé сè уште се тргуваат по пониска вредност во споредба со поширокиот сектор, што ја одразува приказната за реструктуирање. Уште неколку вакви квартали и компанијата може да се врати на патот на стабилен и квалитетен раст“, изјави аналитичарот Крис Бекет од Quilter Cheviot.