Американскиот берзански пазар ја заврши минатата недела со солиден раст, откако на почетокот на неделата значително се намали геополитичкиот ризик во односите меѓу Кина и САД. И покрај растот на сите индекси, доминантен впечаток оставија регионалните банки, кои ги исплашија инвеститорите со откривање на слабости во областа на кредитирањето.
Индексот S&P 500 порасна за 1,7 отсто и повторно се врати над нивото од 6.600 поени, додека индексот на технолошки акции Nasdaq скокна за 2,1 отсто. Првпат од пролетта 2023 година, кога банкротираа неколку американски регионални банки како Silicon Valley Bank, повторно се појавија сигнали на недоверба во помалите и средни кредитори.
Овие банки укажаа на зголемување на обемот на лажни и лоши кредити, што може да укаже на пад на стандардите во кредитирањето на приватниот кредитен пазар – кој инаку е со послаба ликвидност и помалку строга регулатива.
Во четвртокот, ETF-от што го следи индексот на регионални банки падна за повеќе од 6%, откако неколку банки објавија лоши финансиски резултати и висока изложеност кон веќе пропаднати компании од авто-индустријата.
Акциите на инвестициската фирма Jefferies Financial паднаа во четвртокот за над 10%, односно повеќе од 20% во текот на октомври, откако открија изложеност кон пропаднатата компанија First Brands во вредност од 715 милиони долари.
Исто така, регионалната банка Western Alliance објави постоење на лажни пласмани, додека нејзиниот ривал Zions Bancorp објави отписи во висина од 60 милиони долари поради два лоши индустриски и комерцијални кредита. Двете акции паднаа за повеќе од 10% за само еден ден.
Проблемите со квалитетот на кредитното портфолио претставуваат нов предизвик за американските регионални банки, по големата криза во пролетта 2023 година, кога неколку од нив се соочија со ликвидносни проблеми и колапсираа.
Иако ФЕД интервенираше и го “угаси пожарот”, условите за работа на регионалните банки останаа отежнати, со уште потежок пристап до извори на финансирање.
Претходно минатата недела, најголемите американски банки традиционално ја отворија сезоната на објавување на квартални резултати и речиси сите ги надминаа очекувањата на пазарот.
Клучни двигатели на растот беа секторите на инвестициско банкарство – поради забрзување на пазарот на аквизиции и иницијални јавни понуди (IPO), како и секторот за тргување со хартии од вредност – поради зголемена нестабилност на финансиските пазари.
Најголемата американска банка JPMorgan објави раст на профитот од 12%, и покрај стагнацијата на нето приходите од камати, благодарение на растот на приходите од инвестициско банкарство од 14%.
Сепак, од банката предупредија на зголемена неизвесност поради сложените геополитички услови, царински и трговски неизвесности, високи цени на повеќето класи на актива и ризик од упорна инфлација.
Акциите на Wells Fargo го предводеа банкарскиот сектор со скок од над 7% откако банката го подигна таргетот за нето каматна маргина и објави нето приход од камати повисок од очекувањата на пазарот.
Приходот на банката скокна за 5%, со придонес на кредитниот бизнис и приходите од надоместоци, каде што се истакнаа провизиите од инвестициско банкарство, кои пораснаа за 25%.
Добитник на неделата
Акциите на американската компанија American Express (AXP) скокнаа во петокот за повеќе од 7% откако компанијата благо ги зголеми деловните очекувања за 2025 година и пријави стагнација на трошоците по основ на кредитни загуби.
Компанијата од пандемијата наваму ги зголеми инвестициите на пазарот на премиум производи, а провизиите по кредитни картички од 2019 година растат со просечна стапка од 19%.
Во петокот, акциите на American Express достигнаа нов историски максимум, а од почетокот на годината се во пораст за околу 17%.
Губитник на неделата
Акциите на американската технолошка компанија Hewlett Packard Enterprise (HPE) паднаа во четвртокот за повеќе од 10% по објавувањето на резултатите, откако компанијата даде разочарувачки прогнози за фискалната 2026 година.
Раководството на компанијата очекува раст на приходите од 5–10%, што е повеќе од двојно послабо од пазарниот консензус.
Компанијата во следната година очекува заработка по акција (EPS) од 2,20 до 2,40 долари (консензусот е 2,40 долари), а најмалку три долари во фискалната 2028 година.
Од почетокот на годината, акциите на HPE, кој пред десет години се одвои од познатата фирма HP, бележат раст од околу 8%.