Најмалку едно дете загина, а седум деца и еден возрасен се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово околу 3:30 часот на автопатот Нови Сад – Белград, по наплатната рампа во правец кон Белград.
Според Заводот за итна медицинска помош, комбе возило во кое се превезувала група деца излетало од коловозот, пробило заштитна ограда и завршило во канал покрај патот. На местото на несреќата интервенирале три екипи на итна помош.
Како што пренесува N1, во несреќата едно дете починало на лице место, додека две деца се наоѓаат на Одделението за интензивна нега. Едното има повреда на вратниот пршлен, а второто тешка повреда на градниот кош.
„Детето со повреда на вратниот пршлен е стабилно и ќе остане под постојан надзор. Другите седум деца се задржани на опсервација,“ соопштија од Институтот за здравствена заштита на деца и младинци на Војводина.
Возачот на комбето, маж роден 1982 година, е со тешки повреди на повеќе органи и е хоспитализиран во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина.
Причините за несреќата сè уште се истражуваат, но според првичните информации, групата деца се враќала од спортско натпреварување. На местото на настанот полицијата врши увид за да ги утврди сите околности, а дел од автопатот е привремено блокиран за сообраќај.