Нес кафе 150, кока – кола 140 денари, и сите молчиме?!

Надвор убаво време, после толку дожд малку сонце, си реков да и се јавам на другарка ми и да одиме некаде да испиеме по едно кафе. Со оглед на тоа што и двете живееме на спротивни краеви од Скопје се договоривме да се најдеме некаде на средина. Така седнавме во Карпош. Убав маалски кафе бар, убава отворена тераса и опуштена атмосфера без многу натегања, гласна музика или гужва. Всушност затоа и ги сакам маалските локали. Кафето се пие опуштено и без притисок да изгледам како да сум тргната на свадба. Арно ама кога стигна сметката на крај, не можев да не сум во шок.

Луѓе мои до каде ќе одат цените во Скопје?! Ладно нес кафе 150 денари, Кока  Кола 140 денари?! Зарем само мене ми е ненормално за кафе да давам толку пари? И тоа во маало, нешто што по основа никогаш не важело за луксуз. Пиењето кафе во маало претставуваше опуштена дружба и муабет надвор на сонце, но со далеку помала сметка од центарската. Не зборувам овде за седење на некој панорамски поглед во елитен ресторан, затоа и сметам дека е чудно што се цените толкави.

Но она што не разбирам е зошто никој не се буни? Дали сите имаат стандард да плаќаат по 500 денари за едно излегување на кафе (пресметано и бензин зошто треба и да стигнеш до таму)? Или, дали сите имаат  200 денари за омлет, 500 денари за пица?! Кафаните и нивните цени не сакам ни да почнувам да ги редам.  

Од друга страна кога станува збор за ноќните излегувања, нив одамна ги намалив скоро на едно излегување во месец. Кога ја донесов таа одлука се уште не беше започнато  поскапувањето, туку причината беше понудата на ноќен живот во Скопје, која се сведе на комплетно малтретирање и кошмар. Гужви, буткање, музика која е пренапорна да се слуша и нема ритам или музика која веќе ми е преслушана (жими се кога ќе ја слушнам „Пусти пусти моду“ коса ми се крева, песнава се врти веќе 100 години!). Бар со капацитет за 50 луѓе, внатре 150 и плус шанкерски маси направени од една даскичка на кој има место да оставиш максимум три пијачки. Да не зборам што нема ни палто каде да оставиш или да си ја закачиш ташната под маса (се штеди и на тоа кога станува збор за изработка на маса затоа што го нема, не пости ченгелчето да закачиш нешто). Уште и истите тие маси важат како резервација на која треба да се сместат шест луѓе. Како?!

Ајде ќе си речам издржи Ивана еднаш во месец излегуваш, друштвото е важно, да се видите, да се забавувате и опуштите. Но, ниту се гледаме во таа гужва и туркање, ниту пак уживаме или забавуваме. А на крај плаќаме 350 – 400 денари за Аперол шприц или џин-тоник или 200 денари за мало пиво! Па дали е тоа нормално?! И ако не е, зошто никој не се буни?

Не сакам да живеам во град во кој нема ноќен живот. Не сакам да немам избор каде да излезам и да се забавувам. Но очигледно нема не сакам, мораш. Морам да седам дома и да не излегувам затоа што немам повеќе 20 години и не сакам да ме туркаат, да ме горат со цигари и да фаќам врски за резервација на маса ко да мислиш ќе влегувам во супер елитен клуб. Не сакам да излезам за да се чувствувам ко сардина во конзерва. Никој не играл? Нема место. Масите се наредени за да може локалот да собере што повеќе луѓе и на крај се триете со грбовите. Слично ко зградиве што ги градат низ Скопје. Кревањето на рака или мрдањето да заиграш е ризик по живот за тие околу тебе. Само милиметар те дели да ти забие некој лакт во грб.

Зборувајте ми за забава во главниот град на Македонија. Но зборувајте ми за онаа пред 20 години. Ова сега е се, само забава и ноќен живот не. Како цреша на тортата цените кои ги плаќаме се луди и не кореспондираат аполутно никако со услугата што ја добиваме и условите во кои седиме. Сега веќе сфаќам дека освен ноќните излегувања, ќе се откажам и од кафињата затоа што колку што јас сум во тек, нашиот стандард е се уште далеку на оние кои живеат надвор од Македонија. Ама затоа пак за цени опасно им се приближивме и стануваме како во народната-  „Видело магарето коњот има потковица, па и тоа кренало нога“.

Тажно е што направивме од Скопје и уште потажно е како никој ништо не прави околу тоа. Може апсолутно уште повеќе да ги покачат цените, пак ќе биде се полно. Зошто? Затоа што сме овци и се додека има овци, ќе има и волна за стрижење.  

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни