Нереди во Милано: Протестот за Газа прерасна во хаос, повредени 60 полицајци

Во Милано денеска дојде до тешки судири меѓу полицијата и група демонстранти за време на протест во знак на поддршка на Газа.

Инцидентите ескалираа кај Главната железничка станица, каде што млади облечени во црно се обидоа насилно да влезат во метрото, при што беше оштетен влезот во станицата и повредени десетици лица.

Според италијанските медиуми, околу 60 полицајци биле повредени, од кои 23 се пренесени во болница. Приведени се десетина демонстранти, а медицинска помош им е укажана и на 12 учесници на маршот.

Насилната група, која броела околу 100 лица, користела апарати за гаснење пожар и поставувала контејнери како барикади, продолжувајќи да фрла шишиња и канистри кон полицијата. Биле испалени и повеќе чадни бомби, а на главниот влез на станицата била разбиена стаклена фасада.

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека „денешниот вандализам нема никакво оправдување и сигурно не ѝ помага на каузата за Газа“.
Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози додаде дека станува збор за „намерен насилен напад врз полицијата“.

Иако маршот првично започна мирно и во него учествуваа илјадници луѓе, вклучувајќи студенти и пропалестински групи, ситуацијата излезе од контрола кога колоната се приближи до американскиот конзулат. Таму беа запалени знамињата на САД, Израел, НАТО и Европската Унија.

Во протестната поворка учествуваше и познатата италијанска актерка и ТВ-водителка Амбра Анџиолини со својата ќерка, која изјави: „Она што се случува во Газа повеќе не е војна, тоа е дехуманизација која е неприфатлива“.

Протестите и генералниот штрајк предизвикаа сообраќаен хаос во Милано – повеќе железнички линии беа блокирани, а возовите доцнеа и по два часа. Слични акции се одржаа и во други италијански градови, каде што синдикатите блокираа пристапни патишта и пристаништа, барајќи прекин на огнот во Газа и прекин на односите со Израел.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни