Нереди во Франција: Со метални шипки и Молотови коктели напаѓале граѓани и полиција

Стотина маскирани напаѓачи со Молотови коктели и шипки нападнаа полиција и цивили во Лимож. Повредени 9 полицајци. Градот во шок.

Околу стотина маскирани напаѓачи, вооружени со метални шипки и Молотови коктели, нападнале автомобили на автопатот и се судриле со полицијата, во нереди кои се случија во ноќта меѓу петок и сабота во градот Лимож, во централна Франција.

Во судирите се повредени девет полицајци. Властите претпоставуваат дека станува збор за бандитска пресметка за територија.

Наоружаните напаѓачи се спуштиле на автопатот RN141 и се обиделе да го блокираат додека се конфронтирале со полицијата.

„Имаше меѓу 100 и 150 маскирани лица, вооружени со Молотови коктели, пиротехника, камења, железни шипки и бејзбол палки,“ изјави Лоран Надо, лидер на локалниот полициски синдикат за AFP.

Градоначалникот: Населбата стана зона без закони

Полицијата возвратила со солзавец и гумени куршуми.
Градоначалникот Емил Роже Ломбертије ги нарече напаѓачите “урбана герила“.

„Тие се организирани, структурирани, постои план, имаат оружје. Ова не беше спонтан протест со некакви барања. Без изговор, без ништо. Станува збор за уништување и покажување дека територијата им припаѓа ним“, изјави тој.

Потврдено е дека се нападнати и возила на цивили, а во некои од нив имало семејства со деца.

Слични нереди се случиле и во ноќта меѓу 13 и 14 јули, кога изgredниците се судриле со полицијата во соседната населба Вал де л’Оранс.
Градоначалникот нагласи дека се работи за “многу сиромашна населба со млади лица од имигрантско потекло“, која, како што рече, „стана зона без закони“.

Обвинителството: Населбата е позната по трговија со дрога

Обвинителката од Лимож, Емили Абрантес, потврди дека населбата е позната по трговија со дрога, но напомена дека нема директни докази дека овие немири се поврзани со неодамнешните истраги.

Француското Министерство за внатрешни работи најави дека ќе распореди специјални безбедносни сили на клучни локации во градот за да се спречат натамошни нереди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни