Републичкиот геодетски завод на Србија објави податоци кои покажуваат дека цените на недвижностите во Србија во првата половина од 2025 година достигнале рекордни износи.
Најскапиот квадрат станбен простор е продаден за 9.805 евра на локацијата „Белград на вода“, додека најскапото гаражно место на „Савски венец“ – чини 66.000 евра, речиси како цена на стан во некои делови од земјата.
Најскапата куќа е продадена за 3,8 милиони евра, а најскапото земјоделско земјиште – за 1,2 милиони евра во општината Кула. Во Крагуевац, пак, најскапиот деловен простор достигнал вредност од 2,4 милиони евра.
Во „Белград на вода“ е забележана и најголемата трансакција – стан продаден за 1,8 милиони евра.
Економистот Ервин Пашановиќ за РТС изјави дека пазарот на недвижности во Србија функционира како „есенцијално слободен пазар“, каде цените се формираат врз основа на понуда и побарувачка.
– Последните 12 години имаме континуиран раст на цените и голема ликвидност, што значи дека најголемиот дел од новоизградените станови се продаваат. Со оглед на тие два фактора, можеме да кажеме дека станбениот пазар ја апсорбира целата понуда, а цените се определуваат според побарувачката, вели Пашановиќ.
Тој нагласува дека цените денес изгледаат астрономски, особено кога квадрат стан стигнува речиси 10.000 евра, што до пред неколку години било „незамисливо“. Тој додава дека и во сегментот на гаражи има екстремен раст – некои достигнуваат 70.000 евра.
