Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, го критикуваше навлегувањето на руски беспилотни летала во романскиот воздушен простор за време на нападот врз соседна Украина во саботата, сметајќи го за неприфатлив и обвинувајќи ја Москва за „неодговорна ескалација“.
„Нарушувањето на романскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала е уште едно неприфатливо кршење на суверенитетот на земја-членка на ЕУ“, напиша Каја Калас на платформата X.
Според нејзината проценка, оваа „неодговорна ескалација ја загрозува регионалната безбедност“.
„Изразуваме солидарност со Романија“, додаде Каја Калас.
Романија во саботата соопшти дека дрон го нарушил романскиот воздушен простор за време на рускиот напад врз инфраструктурата во соседна Украина, неколку дена откако Полска го осуди влегувањето на руските беспилотни летала на полска територија.
Романската војска испрати два борбени авиони Ф-16 за да ја следат ситуацијата во врска со бомбардирањето на украинската територија. Тие открија дрон во романскиот воздушен простор, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Авионот бил следен сè додека не исчезнал од радарот.
„Дронот не летал над населени места и не претставувал непосредна закана за населението во Романија, која, како и Полска, е членка на НАТО“, соопшти Министерството.