Кандидат за премиер на Непал е рапер: ветува исполнување на барањата на „Генерацијата Z“

Градоначалникот на Катманду, познат како раперот Бален, влегува во изборна трка со антикорупциска платформа и силна поддршка од младите гласачи.

Градоначалникот на Катманду, Балендра Шах, јавности познат како раперот Бален, ќе биде кандидат за премиер на Непал доколку нивниот политички сојуз победи на парламентарните избори закажани за 5 март. Шах постигна договор за заеднички настап со поранешниот телевизиски водител и претседател на партијата Растрија Свантантра (RSP), Раби Ламичане, пренесува Ројтерс.

Според договорот, 35-годишниот Бален ќе ја преземе премиерската функција во случај на изборна победа, додека Ламичане (48) ќе остане лидер на партијата. Двајцата најавија дека ќе ги исполнат барањата што беа истакнати за време на масовните протести на „Генерацијата Z“ во септември, насочени против широко распространетата корупција во земјата.

Протестите, кои ја потресоа земјата, завршија трагично – загинаа 77 лица, а тогашниот премиер К. П. Шарма Оли поднесе оставка. Тие настани ја променија политичката динамика во Непал и го отворија просторот за нови политички актери со поддршка од младите.

Аналитичарите оценуваат дека станува збор за стратешки потег на RSP, која преку Бален и неговата популарност успева да допре до младите гласачи – група што традиционалните партии со години не успеваат да ја мобилизираат. Бален, кој стана симбол на урбаниот бунт и антикорупциските барања, има силна база меѓу младите, особено во главниот град.

Изборната комисија на Непал соопшти дека право на глас имаат околу 19 милиони од вкупно 30 милиони жители, при што речиси еден милион нови гласачи – претежно млади – го стекнале тоа право по протестите во септември. Овој податок дополнително ја засилува важноста на „генерацискиот фактор“ на претстојните избори.

Во последните три децении, власта во Непал главно ја делеле Комунистичката партија на Непал (Обединета марксистичко-ленинистичка) и центристичката Непалска конгресна партија. Сепак, според проценките, новиот сојуз предводен од Бален има реални шанси да го прекине тој континуитет.

Ламичане ја формираше партијата RSP пред изборите во 2022 година и стекна популарност со својата кампања против корупцијата, која ја водеше уште додека беше телевизиски водител. Сега, заедно со Бален, се обидува да ја капитализира енергијата на младите и незадоволството од старите политички елити.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни