Ненад Георгиевски: Мојата колекција на музика е еклектична и ја отсликува мојата љубопитна и истражувачка природа

Со Ненад Георгиевски разговаравме за неговата новинарска кариера, музичкото новинарство и скорешната награда и за тоа што означува за стандардите на музичкото новинарство. Еден осврт на неговата работа, издвоени интервјуа со музички гиганти и трудот зад фестивалот „Скопје Синема Сити“. Ненад сосема искрено раскажува за своите лични предизвици и неисполнети соништа.

Трн: Од кога пишуваш на светскиот All about jazz – Џез сајт и како дојде до соработката?

Ненад: All About Jazz се случи сосема случајно. Го знаев порталот меѓутоа немав никаков контакт, само желба да читам добри текстови и интервјуа во тоа море од информации кое порталот го нудеше. Контактот и препораката да се пробам во тие посериозни музички води се случија таа 2004 г. откако веќе почнав посериозно да се бавам со новинарство. Веќе таа година се случија сериозни, големи и содржајни интервјуа со луѓе како Пет Метини, Џон Меклафлин, Дејвид Силвијан, како и со гости на тогашното издание на Скопскиот џез фестивал, Феми Кути, Мекој Тајнер, Стивен Бернштајн. Македонската сцена исто ги имаше еден од своите златни периоди. Кога добив препорака имав веќе и што да понудам. Почетоците со ААЈ се поклопија со мојата селидба во Нови Сад што од своја страна вклучуваше и соработка со други дневни листови, магазини и работа на ТВ во тоа време. Тоа беше динамичен и турбулентен период.

Трн: Пред самиот крај на годинава ја доби и наградата Мито Хаџивасилев Јасмин, честитки за наградата и кажи ми колку ти значат наградите и што е за тебе најголема сатисфакција? Што те турка напред?

Ненад: Како некој кој е фриленсер наградата има големо значење бидејќи на овој начин се оддава признание на сиот труд и љубов кои се влеани во тие книги. Со наградата МХВЈ мојата фела а со тоа и општеството покажаа признание за мојата работа и верувам дека со тоа се помага во подигнувањето на стандардите на музичкото новинарство, а и на културата.
Тоа што ме турка напред е љубовта кон културата – јас сум првенствено слушател и читател и некој кој редовно посетува настани од културата. Таа работа и книги се одраз на сето тоа.

Трн: Имаш ли некое интервју на кое си особено горд и ако да кое, да ни објасниш подетално?

Ненад: Секое интервју си има своја убавина – од подготовките, па до реализацијата. Тоа си има своја намена како форма. Имам направено повеќе од 200 интервјуа и навистина имам многу убави разговори на кои сум посебно горд. Најчесто не е лесно да се договори едно интервју. Но ако морам да издвојам ќе ги набројам Дејвид Силвијан, Влатко Стефановски, Питер Хук, Лиса Жерар, Марк Рибо, Џон Патитучи, Јан Банг, Филип Глас, Стив Рајш, Мад Морганфилд, Метини, Ешли Кан….ги има премногу. Причината зошто ги истакнувам е содржините кои сум испеал да ги изнедрам од нив а и после сите исцрпни разговори мислам дека за кратко би можел повторно да направам нов разговор кој би се растегнал на нови 15 страни.

Трн: Организатор си на фестивалот „Скопје синема сити“ кој што се одржува во Кинотека скоро една деценија. Која е разликата од почетоците до ден денес, како растеше фестивалот со текот на годините? Што планираш во однос на фестивалот за следната година.

Ненад: Скопје Синема Сити следната година ќе ја обележи својата прва декада. Можам да кажам дека нема некоја разлика во околностите во кои фестивалот се случува сето ова време. Почна во турбулентна година, и тие турбуленции се уште траат. Меѓутоа, фестивалот прерасна во убав настан, со јасни содржини и си изгради своја публика и свое реноме. Во денешниот свет и документаристиката е посебна гранка на новинарството што значи дека тоа што го работам како новинар се отсликува кај фестивалот. Во овој период се уште траат подготовките и прерано е да се зборува што ќе се најде на репертоарот.

Трн: Што има во твојата колекција на музика?

Ненад: Мојата колекција е еклектична и ја отсликува мојата љубопитна и истражувачка природа. Не ми се важни форматите или носачите на звук туку ми е важна содржината. Таа ги отсликува моите интересирања од повеќе жанрови и расположенија. Моите вкусови и интереси за музиката се шарени и таква ми е и колекцијата. Всушност, таква ми е и колекцијата на книги.  

Трн: Која музика е твојот избор за новогодишна журка?

Ненад: Некој убав избор кој ќе направи доброто расположение со добро друштво да биде уште подобро. Не сум перфекционист кој се наметнува со своите вкусови но нека биде некоја убава музика.

Трн: Кои ти се хајлајтс од 2023?

Ненад: Секоја година си има издигнувања и падови, убави и неубави моменти. Некако оваа 2023 се покажа како незгодна – потребен беше екстра труд за да се дојде до резултати (што порано беше мошне лесно) но имаше и свои убави моменти со убави патувања, концерти, пишувања, достигнувања и семејството.

Трн: Дали можеби планираш да се пробаш и во музичките води?

Ненад: Ах, го барам тој слободен период кога ќе можам да се посветам повеќе на работи на кои сум сакал да се пробам меѓу нив и музичките. Меѓутоа, сето тоа бара сериозно посветување. Еден ден ќе дојдат и тие на ред. Пред половина година започнав со тренинзи по таи чи нешто што ми отвори нови хоризонти и сега сум посветен на тоа. Тоа е еден од новитетите на кои сум посветен.

Трн: Кој е твојот неисполнет сон ?

Ненад: Списокот е одбран и полека си ги исполнувам тие работи – од патувања, до искуства, луѓе, па и вештини. И таи чи чуанот беше нешто што го гледав на улиците на Пекинг секое утре за време на едно патување во далечната 1989, но дури сега се најде време и учителка да ме води низ тајните на оваа вештина, во вистинска смисла.

Насловна фотографија: Џоле Максимовски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни