Немири во Аргентина: полицијата со водени топови ги растерува демонстрантите

Повеќе лица се приведени за време на протестите против реформата на трудовото законодавство предложена од владата на Хавиер Милеј

Повеќе лица беа приведени за време на судирите меѓу демонстранти и полицијата во Аргентина, откако илјадници луѓе излегоа на протест против предложениот закон за реформа на трудовото законодавство на владата на претседателот Хавиер Милеј.

Протестот се одржа на Плоштадот на Конгресот во главниот град Буенос Аирес, на повик на синдикатите. Тензиите ескалирале кога група демонстранти се обидела да се упати кон зградата на Сенатот, каде што во тој момент се водела расправа за реформата.

Според локалните медиуми, безбедносните сили употребиле солзавец, гумени куршуми и водени топови за да ги растераат демонстрантите, дел од кои фрлале камења кон полицијата. Во судирите биле повредени четворица полицајци, погодени со предмети фрлени од толпата.

По неколкучасовни немири, полицијата го расчистила просторот околу Плоштадот на Конгресот и вовела засилени безбедносни мерки.

Протестите беа поддржани од Општата конфедерација на трудот (CGT), еден од најголемите синдикати во земјата, како и од повеќе политички партии и општествени организации.

Соледад Москера, генерален секретар на Здружението на наставници за средно и високо образование (ADEMYS), изјави дека владата реформата ја претставува како модернизација, но според неа таа значи влошување на работничките права. Пратеникот од Обединетата левица, Хуан Карлос Џордано, оцени дека се работи за пробизнис реформа која значително ги ограничува правата на работниците.

Предлог-законот предвидува формирање Фонд за помош на работниците (FAL) за исплата на отпремнини, измени во начинот на нивно пресметување, промени во правилата за исплата на прекувремена работа и ограничување на правото на штрајк.

Аргентинскиот закон за труд потекнува од 1974 година, а обидите за негова реформа во изминатите децении често предизвикувале силен општествен отпор.

Се очекува Сенатот да ја продолжи расправата за предложената реформа, додека синдикатите најавуваат натамошни активности доколку законот биде усвоен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни