Протестите се организирани откако беа објавени нови детали од истрагата на техничкиот советник ангажиран од семејствата на загинатите.
Во трагедијата животот го загубија 57 лица, меѓу кои најголемиот дел студенти. Според извештајот на експертот Василис Кокоцакис, околу 30 од нив го преживеале првичниот судар помеѓу патничкиот и товарниот воз, но загинале од запаливите течности кои предизвикале експлозија и недостаток на кислород.
Објавен е телефонски повик на бројот за итни случаи 112, во кој се слушаат очајните повици за помош. Женски глас извикува: „Не можам да дишам“, „Имам многу малку воздух“ и на крај завршува со зборовите: „Ќе умреме… Марти, те сакам.“ Овие зборови се упатени до нејзината 20-годишна пријателка, која не ја преживеа несреќата.
Семејствата на жртвите тврдат дека објавувањето на снимките има цел да изврши притисок врз надлежните за темелно завршување на истрагата. Мајката на една од жртвите, Мариа Каристиану, изјави дека најболно било сознанието дека дел од патниците преживеале, но починале заради експлозијата.
Протестот го организира Здружението на роднините на жртвите „Темпи 2023“, кое бара детална истрага за експлозијата на нелегалниот хемиски товар во товарниот вагон, одговорност за пожарот кој ги одзеде животите на преживеаните, објаснување од Константинос Тасулас, кандидат за претседател, за наводното закопување на истрагата во парламентарните архиви.
Протестот доби поддршка од опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК, Комунистичката партија и Нова левица, синдикати, здруженија, навивачки групи и анархистички движења.
Несреќата се случи на 28 февруари 2023 година, во близина на Темпи, кога патнички и товарен воз се судрија на истата шина. Ова е една од најголемите железнички несреќи во историјата на Грција, а протестите претставуваат повик за правда и обезбедување безбедност во железничкиот транспорт.