Сепак, Кремљ инсистира вториот состанок на двајцата лидери, предвиден за Будимпешта, да се одржи.
Според изјава на Белата куќа, засега нема планови за нова средба меѓу американскиот и рускиот претседател. Украина и европските сојузници повикаа на прекин на огнот долж сегашните линии на фронтот, што го сметаат за прв чекор кон преговори и траен мир. Москва, пак, одбива ваков предлог, истакнувајќи дека „не може да има прекин на непријателствата без решавање на корените на конфликтот“.
Трамп, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека двете страни „треба да застанат таму каде што се и секоја да прогласи победа“. Американскиот претседател првично најави дека ќе се сретне со Путин во Будимпешта „во рок од две недели“, но подготовките се одолговлекуваат поради несогласувања меѓу Вашингтон и Москва.
Шефовите на дипломатиите, Марко Рубио и Сергеј Лавров, требаше да одржат подготвителна средба пред претседателскиот самит, но по нивниот телефонски разговор се појавија значителни разлики во ставовите. Руското МНР го нарече медиумското известување за одложувањето на средбата „информациски циркус“.
Лавров повтори дека Русија останува посветена на договорите од Алјаска и дека повиците за итен прекин на огнот „значат заборавање на вистинските причини за конфликтот“, наведувајќи ги амбициите на Украина за членство во НАТО и ЕУ, како и наводната дискриминација на етничките Руси — аргументи што Москва ги користи за оправдување на инвазијата од 2022 година.
Од друга страна, европските лидери и Зеленски усвоија заедничка изјава со која бараат итен прекин на огнот и потсетуваат дека „меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила“. Лавров, пак, ги обвини ЕУ и Украина дека со овој повик само сакаат да создадат простор за повторно вооружување на Киев.
Извор: Euronews