Јужна Кореја забрани увоз на свинско месо од Германија поради шап и лигавка

Министерството за земјоделство на Јужна Кореја забрани увоз на свинско месо од Германија поради неодамнешната епидемија на шап и лигавка кај стадото биволи во сојузната германска држава Бранденбург.

Министерството соопшти дека забраната стапува на сила веднаш.

Покрај тоа, ќе се вршат тестирања за вирусот FMD на сите германски производи од свинско месо што се испорачуваат во Јужна Кореја од 27 декември. Околу 360 тони германско свинско месо моментално се подложени на карантински тестирања, пренесува SEEbiz.

Епидемијата, потврдена во градот Хенов, близу Берлин, доведе до превентивно колење на свињи и други животни со копита.

Шап и лигавка е исклучително заразна вирусна болест кај копитари, како говеда, овци, кози и свињи. Иако болеста не е опасна за луѓето, таа може да има катастрофални последици за сточниот фонд и да претставува значителна економска закана за земјоделците.

Оваа епидемија е првиот познат случај на шап и лигавка во Германија од 1988 година и првиот случај во сојузната држава Бранденбург. Германија и Европската Унија во последните години се сметаа за ослободени од оваа болест.

Friedrich-Loeffler-Institut (FLI), германскиот федерален центар за болести кај животните, ја идентификуваше специфичната варијанта на патогенот, што овозможи за неколку дена да се произведе ефикасна вакцина.

Јужна Кореја е важен пазар за продажба на германско свинско месо во Азија. Во 2019 година, земјата увезе околу 106.000 тони свинско месо од Германија, пред увозот да биде прекинат следната година поради епидемијата на африканска чума кај свињите. Од тогаш, продажбата на свинско месо во Јужна Кореја се опоравува бавно.

Според податоците на Федералната канцеларија за земјоделство и храна, Германија минатата година извезе вкупно околу 2,3 милиони тони свинско месо, од кои најголемиот дел се извезува во европски земји. Италија е најголемиот купувач на германско свинско месо, пред Полска и Холандија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни