Нема поубаво друштво од себеси

Од секогаш сум била тип на човек кому му е убаво во своето друштво. Затоа и со години се чудам на реакциите на луѓето кога ќе им кажам дека практикувам да имам еден одмор каде патувам сама. Немој да ме разберете погрешно. Јас ги сакам луѓето. Мојата професија е работа со луѓе и публика, но од друга страна ми нема ништо поубаво од моментите сама со себе. Од тука ми е и желбата да излезам и да седнам сама на кафе, ручек, десерт или да се спакувам и да отпатувам некаде.

Желбата за одмор каде ќе отпатувам сама ми се јави некаде во 2018-та и истата година и се исполни. Но сагата и потрагата по нормални и достапни услови да отпатуваш сам овде во Македонија, е тоа беше друга приказна. Прво нешто на кое налетав беше вработен во туристичка агенција кој не се ни потруди да ја сокрие изненаденоста на своето лице кога му реков ми треба понуда аранжман за одмор за едно лице. Прво сто пати ме препраша дали сама ќе патувам, дали некој таму ќе дојде или ќе ме чека и искрено да ви кажам притисокот од старт ми скокна. Што е толку чудно во желбата да отидеш сам на одмор?! Цел свет луѓе патуваат сами, одат каде што сакаат и уживаат во својата младост или пензија, само овде уште малку па да те прогласат за „недобар“ што сакаш сам да патуваш.

Не е прблемот дека нема луѓе со кои можам да заминам на одмор. Имам и патуваме заедно. Тие се прекрасни и се мои долгогодишни другарки и другари, но годините и обврските за сите нас носат различно темпо. Јас не сум човек кој сака да се натега и да се договараме со месеци за сите да сме слободни во исто време. Да со текот на годините станав себична и сакам да правам што мене ми се прави. Да одам каде што мене ми се оди и така натаму. Затоа одморот сама ми е идеална шанса да уживам со себеси и да наполнам батерии правејќи што сакам, кога сакам и колку сакам. Затоа е време да се нормализира одењето на одмор сам/сама и да престанеме да коментираме дека некому нешто му фали штом оди сам. Не. Напротив ништо не ни фали и тие одмори ми се едни од најубавите одмори што сум ги имала.

Тие патувања ми се вистинско богатство и на нив запозанав прекрасни луѓе со кои сеуште комуницирам и дружам. На тие патувања се пронајдов себеси и стекна искуство кое ме направи да го гледам светот од многу поинаков  агол. Топло ви препорачувам да пробате!

Започнете со пиење кафе сами. Започнете со тоа што нема да ви е гајле што ќе речат другите и не се кријте зад телефонот додека седите сами. Кренете ја главата, оставете го мобилниот, уживајте во моментот. Слушнете ги своите мисли и ценете ја тишината и мирот кои ги имате во тој момент. Потоа почастете се себеси со убав ручек затоа што заслуживте и почнете да планирате каде би отпатувале сами. Нека не ве спречува стравот или тоа што немате друшто. Не дозволувајте да истрошите уште една година од животот и да останете дома. Штета е да не видите некое прекрасно место или да си го дадете мирот и одморот кој го заслужувате!

Кога си сам не значи и дека си осамен. Друштвото со себеси може да биде најубавото нешто доколку го победиш стравот. Разбирам дека има многу луѓе кои не сакаат да бидам сами и тоа ги плаши. Но силата доаѓа кога ќе го победите токму тој страв! После тоа, вие сте навистина непобедливи. Со учењето да уживате кога сте сами доаѓа најголемиот мир, хармонија и нирвана кои некогаш може да ги доживеете. Ги слушате вашите мисли јасно и гласно и работите на врската со себеси, затоа што таа е најважна! Важно е да си тука за себе како што си за луѓето што ги сакаш. Уште поважно е да се сакаш себеси и никогаш да не речеш дека ти е досадно во своето друштво!

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни