„Нема договор, нема кафе“: Работниците на Старбакс започнаа штрајк во повеќе од 40 градови во САД

Синдикатот на работниците на Старбакс, Starbucks Workers United, во четвртокот организираше национален штрајк во најмалку 40 американски градови, токму на „Денот на црвената шолја“ – еден од најпрометните денови за компанијата.

Откако баристите и раководството на корпорацијата не успеаја да постигнат колективен договор, синдикатот изгласа одобрување на јавен штрајк, што резултираше со масовен протест за кој тврдат дека вклучува повеќе од 1.000 баристи во над 65 продавници.

Синдикатот од април ја одбил понудата на компанијата, по што, како што наведуваат, Старбакс не доставил ниту еден нов предлог за клучни прашања – меѓу кои платите, бројот на вработени и стотиците претставки за наводни незаконски трудови практики, вклучително и одмазда против синдикалните членови.

Workers United, кој започна со организирање во Старбакс во 2021 година, денес претставува повеќе од 12.000 работници на повеќе од 550 локации. Компанијата, пак, за CNBC изјавила дека синдикатот претставува околу 9.500 работници во 550 објекти.

Баристите предупредуваат дека ова може да стане „најголемиот и најдолгиот штрајк во историјата на компанијата“, доколку Старбакс не постигне фер синдикален договор и не ги реши обвинувањата за неправедни трудови практики. Тврдат дека се подготвени дополнително да ја интензивираат обуставата на работата.

„Ако Старбакс продолжи да избегнува фер договор и одбива да ја прекине синдикалната блокада, ќе види како работата им застанува“, изјави портпаролката на Starbucks Workers United, Мишел Ејсен, поранешна бариста со 15 години работно искуство во компанијата.

„‛Нема договор, нема кафе‛ е повеќе од слоган – тоа е ветување дека ќе го прекинеме работењето и профитот на Старбакс сè додека не се постигне правичен договор и не престанат неправедните практики. Старбакс знае каде да нè најде“, додаде таа.

Од компанијата, пак, порачуваат дека ќе бидат подготвени да им служат на купувачите во речиси сите од своите околу 18.000 фирмски и лиценцирани локации низ САД за време на празничната сезона, реагирајќи на резултатите од минатонеделното гласање за штрајк.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни