„Нема да нè замолчат“: Слободан Трендафилов обвинува за притисоци врз работниците

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, тврди дека врз работниците, особено во јавниот сектор, се вршат притисоци и закани поради барањата за повисоки плати. „Нема да нè замолчат“, порача тој.

Притисоци, закани и обиди за заплашување на работници кои бараат повисоки и достоинствени примања станале секојдневие, особено во јавниот сектор, тврди претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов. Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој изјави дека најжестоките притисоци доаѓаат со политичка поддршка и, како што рече, често се спроведуваат преку синдикални структури кои одбиле да ги поддржат протестите.

Како пример ги посочи вработените во Пошта на Северна Македонија, за кои наведе дека биле таргетирани со санкции поради учество на протест поврзан со неисплатени плати. Според него, и покрај притисоците, кај работниците повеќе нема страв, а борбата за повисоки плати прераснува во прашање на достоинство, а не на политичка или лична лојалност.

„Никој повеќе не му се плаши на никого. Работниците единствено им должат на своите семејства да им обезбедат подобар живот“, порача Трендафилов. Тој предупреди дека најавите за објавување на наводни „снимки“ и дополнителни притисоци нема да ја замолчат синдикалната борба. Напротив, според него, тоа само покажува дека државните ресурси се трошат за следење на оние кои бараат зголемување на минималната плата.

Трендафилов нагласи дека ССМ нема да се поколеба поради, како што рече, закани од владини претставници и дека синдикатот ќе остане на првата линија сè додека не се обезбеди правично вреднување на трудот. „Ние сме избрани од работниците и ќе продолжиме со притисокот за повисока минимална плата за секој работник во државата“, истакна тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни