Помалку обиди за нелегален влез во ЕУ во 2025 година

Податоците на Фронтекс покажуваат пад на миграцискиот притисок, но агенцијата предупредува дека состојбата останува нестабилна

Бројот на обиди за нелегално преминување на надворешните граници на Европската Унија во 2025 година е намален за 26 отсто во однос на претходната година, покажуваат прелиминарните збирни податоци на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Во текот на 2025 година биле регистрирани околу 178.000 обиди за нелегален влез во ЕУ, што претставува најниско ниво од 2021 година наваму и повеќе од двојно помал број во споредба со 2023 година, соопшти Фронтекс во својот годишен извештај.

И покрај падот на бројките, од агенцијата предупредуваат дека состојбата на европските граници и понатаму останува нестабилна. Конфликтите, политичката нестабилност и активностите на мрежите за криумчарење луѓе можат брзо да го пренасочат миграцискиот притисок од една на друга рута. Дополнително, Фронтекс укажува и на обиди од непријателски актери да ги искористат миграциите како средство за дестабилизација.

Централниот Медитеран и понатаму најактивна рута

И во 2025 година, најактивна миграциска рута останала централномедитеранската, по која мигрантите од Либија се обидуваат да стигнат до јужните членки на ЕУ. На оваа рута биле регистрирани 66.328 обиди за нелегален влез, при што најголем дел од мигрантите биле од Бангладеш, Египет и Еритреја.

На западнобалканската рута е забележан пад од 42 отсто во однос на 2024 година. Вкупно биле спречени 12.528 обиди за преминување, а најчесто станувало збор за мигранти од Турција, Авганистан и Сирија. Фронтекс го припишува овој пад на засилените безбедносни мерки и подобрената соработка со земјите долж балканската рута, вклучително и новата заедничка операција во Босна и Херцеговина, започната во ноември 2025 година.

Најголем пад на западноафриканската рута

Најголемото намалување на бројот на нелегални преминувања (дури 63 отсто) е забележано на западноафриканската рута, која води кон шпанските Канарски Острови. Таму биле спречени 17.280 обиди за влез, најчесто од државјани на Мали, Сенегал и Гвинеја.

На источномедитеранската рута бројот на обиди е намален за 27 отсто, при што биле запрени 51.399 мигранти, претежно од Сирија, кои се обидувале да стигнат до Грција, Кипар и Бугарија.

И на источните копнени граници на ЕУ е регистриран пад од 37 отсто, со 10.846 спречени обиди, главно од државјани на Украина и Сомалија.

Единствен исклучок е западномедитеранската рута, каде што е забележан пораст од 14 отсто, најмногу поради зголемен број испловувања од бреговите на Алжир.

Медитеранот и понатаму најсмртоносен

И покрај намалувањето на бројот на обиди за нелегален влез, Медитеранот и натаму останува најопасната миграциска рута. Според проценките на Меѓународната организација за миграции, во текот на 2025 година најмалку 1.878 лица се удавиле во Средоземното Море – помалку отколку во 2024 година, кога загинале 2.573 лица.

Фронтекс наведува дека со редовни поморски и воздушни патроли се обидува да им помогне на националните власти во навремено откривање на чамците и зајакнување на капацитетите за потрага и спасување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни