Во ера на селфи-култура, дали фотографијата сè уште има моќ да го предизвика светот? Пет македонски фотографи велат – да, ако е искрена, гласна и ангажирана. Нивните слики не се за лајкови, туку за размислување. Овие пет македонски фотографи откриваат како преку објективот знаат да зборуваат за вистината, неправдата и човечката реалност, погласно од зборовите. Нивните фотографии не се само убави, тие се гласни, непријатни, емотивни… И тука не станува збор за филтри, туку за вистината што ја живееме.
Во време кога реалноста се филтрира, нивните објективи се зборуваат за реланоста.
Од една страна е нивната потребата за доловување на мигот низ објективот на убавото или естетски возбудливото во каква била смисла на зборот, а од друга – нешто многу сериозно, реалноста која не се интересира за естетското, туку за она што се случува пред нас.
За нивните најзначајни фотографии, но и воопшто концептот на ангажирана фотографија и поразговаравме со: Томислав Георгиев, Драги Неделчевски, Наташа Гелева, Небојша Гелевски и Арбнора Мемети – секој со својата фотографска приказна која сакавме да ја чуеме во неколку зборови.
Томислав Георгиев
За фотографот Томислав Георгиев, улогата на фотографот кога фотографира драматична општествена состојба, е во тоа да биде внимателен и одговорен сведок на настаните пред се. Фотографот вели има мисија да ја долови реалноста и да ја пренесе на начин кој ќе ја поттикне јавноста да разбере, да сочувствува и реагира. За Георгиев, фотографот се движи меѓу документарната објективност и субјективното толкување,. Тој не може да биде целосно неутрален, но неговата сила лежи токму во способноста да создаде автентична, етички одговорна фотографија која ги пренесува фактите и човечката димензија на настанот. За Георгиев, композицијата и светлината, изборот на моментот и аголот секогаш носат сопствена интерпретација иако како фотографи се стремат кон објективност.

„Фотографот не е само хроничар на настаните, туку и раскажувач кој преку визуелниот јазик го толкува она што го гледа. За мене, најважно е фотографијата да остане искрена и етичка – да ја пренесе вистината, но и човечката приказна зад неа. Само така таа може да остави трага, и како документ, и како порака“ – вели Георгиев и додава:
„Една од позначајните мои фотографии е од првите денови од мигрантската криза на нашата јужна граница. Работев за УНИЦЕФ а фотографијата ја превземаа ОН (Обединетите Нации) и имаше силен импакт и го сврте светското внимание на тоа што се случуваше тука“.
Драги Неделчевски
„Улогата на фотографот денес додека фотографира драматична општествена состојба што ја сведочи е навистина голема. Живееме во време на слики (images) и во свет со пребрзо темпо на живот. Луѓето ги впиваат сликите (фотографиите, видеата…) инстантно на „прва топка“. И, најчесто им веруваат на фотографиите. Од тука, мал е чекорот до тоа, тие, фотографиите, да остават впечаток, да поттикнат на размислување или дури и акција за промена на определени општествени состојби… “- вели Драги Неделчевски за Трн.
Тој споделува дека преку фотографиите кои ги гледаме секојдневно сме сведоци на изгладнување и убивање цивили, кое не наидува на реакција на оние кои имаат моќта да го прават тоа, но и да го спречат ако сакаат, како во Газа, Јужен Судан и многу други земји. Според него, овие и многу други примери наведуваат на заклучок дека фотографијата сепак, не може да го промени светот.

Според Неделчевски, фотографијата не може да го промени светот на глобално ниво, но може на микро план или на локално ниво да влијае врз свеста на голем број луѓе да станат свесни за некои општествени состојби и да преземат акции.За него, документарните фотографии го „сликаат“ животот од различни агли и на јавноста им доближуваат човечки судбини и така ја подигаат свеста за неопходните промени. За Неделчевски улогата на фотографите е голема и нивната улога нема да е залудна.
„Фотографиите од Мане, мојот син заболен од церебрална парализа, особено големиот фотоесеј „Живот во кутија“ во кој го прикажувам секојдневниот живот на Мане и нашето семејство, се документарни фотографии и мислам дека имале најголемо влијание кај публиката. Кај нас во Македонија се многу ретки вакви фотоесеи. Мнозинството луѓе кои немаа претстава како воопшто изгледа еден таков живот, имаа можност одблиску, од прва рака, да се запознаат со тоа. Покрај овој проект, мислам дека и фотографиите од проектот „Дијагноза“, сет од 26 фотографии од луѓе со најразлични дијагнози кои имаа храброст своите трауми да ги споделат со публиката (со должно почитување на етичките норми од страна на фотографот) имаа големо влијаните врз јавноста“ – ни откри Неделчевски кога го прашавме за најважните фотографии од неговото творештво.
Наташа Гелева
„Уште од своите почетоци на фотографијата, кога таа само се сметала како замена за сликарството и како медиум за објективно прикажување на стварноста, луѓето го препознале нејзиниот креативен потенцијал и манипулирање на стварноста. Првата фотографија во која тоа прв пат е применето е „Автопортрет како давеник“ од 1840 на Иполит Бајар. Бајар, француски фотограф, ја исценирал оваа фотографија да го изрази своето незадоволство од француската влада која не ги признавала неговите фотографски откритија, претставувајќи се себеси како жртва на самоубиство“- вели фотографката Наташа Гелева.
За Гелева, фотографијата како уметнички медиум се развива во две насоки – како документарна фотографија која ја регистрира стварноста и како уметничка, чија цел е да ја стилизира и интерпретира.Така како и секој уметнички медиум фотографијата се развива во две насоки: како документарна, која има цел да ја регистрира стварноста, и како уметничка, која ја стилизира и интерпретира. Таа сепак смета дека никогаш немало цврста граница меѓу нив, а прашањето за објективноста е отворено, бидејќи секоја фотографија, без разлика дали е од протест, војна или семеен настан е избор.
„Тој кој стои зад камерата е оформен од своето образование, култура и интереси, а тие влијаат врз тоа што ќе вклучи во кадар – и што ќе остави надвор од него“ смета таа.
„Таа одлука е често тешка: што вреди да се документира, а што треба да остане интимно? Во таа одговорност лежи суштинската улога на фотографот денес, кој е медијатор меѓу настанот и јавноста. Неговата задача не е само да покаже, туку и да поттикне размислување, одговорност и можеби акција“ – вели Гелева за улогата на фотографот денес.

Фотографијата која таа ја одбра ја претставува младата светски позната Грета Турнберг, која по сопствена инцијатива посети неколку земји на Балканот, меѓу која и Македонија и протестот против изградбата на хидроцентрала на реката Дошница, во близина на Гевгелија. Блокадата трае веќе втор месец и секојдневно, активисти од 14 здруженија од цела Македонија ја чуваат реката и природата од уништување – дење и ноќе. Нејзината посета беше, како што додава Гелева, потсетување за важноста на борбата за нашите природни ресурси и зачувување на животинскиот биодиверзитет.
Небојша Гелевски
„Прво би сакал да се осврнам на улогата на граѓаните кои протестираат. Кога тие излегуваат на улица и јавно го изразуваат своето незадоволство, тие стануваат главниот мотив и инспирација за нашите фотографии. Мораме да ја негуваме таа култура на протестирање и да ја пренесуваме на помладите генерации. На повеќето протести сум бил и во улога на учесник, и во улога на фотограф – што значи дека сум го поддржувал протестот како чин на граѓанска борба против системот“ – вели Небојша Гелевски кога зборува за протестната фотографија и нејзиното значење.
Како фотограф, вели дека неговата цел отсекогаш била да се слушне гласот на незадоволните, да се пренесе енергијата, моќта, но и убавината на протестирањето.

За Гелевски, важна е особено поттикнувачката моќ на фотографија, односно нејзината моќ да инспирира акција и дејство, да подигне свест, да предизвика емпатија. Да го засили гласот на маргинализираните и да го прошири досегот на пораки и информации. Тој смета дека дека секоја фотографија е одраз на реалниот момент, но фотографот е тој што го избира аголот, перспективата и мигот кој ќе го забележи. Според него, тоа што ја прави фотографијата посебна е мешавината од личната емоција и начинот на кој авторот ја гледа стварноста.
„На протести одам редовно од 2011 година, почнувајќи со протестите за убиството на Мартин Нешковски. Пикот на моето активно учество во протестни движења беше за време на Шарената револуција, а потоа забележав пад и кај мене, но и генерално – за жал, денес многу помалку се протестира во Македонија. А реално, причини за протести имаме на секој чекор. Не гледам поефикасен начин за насочување на енергијата од граѓанско незадоволство кон барање подобри услови за живот. Мислам дека моите фотографии од Шарената револуција имале најголемо влијание, можеби токму затоа, ми се и најдраги. Кога е следниот протест!? Да го поддржиме и да фоткаме!“ – додава Гелевски за крај.
Aбнора Мемети
„Иако многу редакции се обидуваат да ја заменат позицијата на фоторепортерите со новинари кои покрај тоа што треба да се грижат за содржината, се ангажираат и за фотографија, сепак можам да кажам дека оваа позиција не може толку лесно да се замени како што тие мислат. Фоторепортерите се сведоци на овие драматични настани и такви ќе останат. Имајќи го предвид фактот дека фотографијата е исто така новинарски жанр, можам да кажам дека она што ние успеваме да го извлечеме од еден настан е различно од она што еден новинар може да го објасни со илјадници редови. Затоа, иако сме малубројни, верувам дека носиме голема одговорност кога станува збор за важните настани што нè опкружуваат, особено во последно време во општеството. Публиката сè уште останува силно поврзана со нашите слики“ – раскажува Арбнора за Трн.
Таа вели дека во историјата на фотографијата многу фотографии завршиле надвор од контекстот, со или без намера на авторот. Вели дека секогаш има за цел да донесе пред публиката фотографии кои го опишуваат реалното и се објективни. „Сепак, со оглед на тоа што често се соочуваме со кражба на фотографии и неовластена употреба, неретко фотографиите се сечат, монтираат, и на крајот ние, авторите, сме тие што се осудуваат“ – додава.
Арбнора вели и дека не секогаш фотографиите се интерпретираат на ист начин како што замислил авторот, туку постои понекогаш простор за различни интерпретации.

„Фотографија што секогаш ја спомнувам и која живее со мене е портретот на пожарникарот Жан Кофол. Тој портрет стана уште попопуларен по трагичниот случај што заврши со неговата смрт, откако се врати во родниот крај. Оваа фотографија ме поврза со неговото семејство, со луѓе кои претходно не ги познавав, а исто така ги поврза и жителите на Берово со него, имајќи предвид дека денес една улица го носи неговото име “- вели Арбнора за нејзината фотографија која извршила најголемо влијание.“