Неколку десетици илјади луѓе се собраа денес во Берлин на протест против екстремната десница која не ја сакаат на власт, а собирот беше одржан една недела пред предвремените парламентарни избори во Германија.
Полицијата соопшти дека на протестот имало околу 30.000 луѓе, додека организаторите навеле бројка од 38.000 собрани против екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).
Сличен собир беше одржан на 8. февруари во Минхен, каде учествуваа 250.000 луѓе, а на 2. февруари во главниот град на Германија имало помеѓу 160.000 и 250.000 луѓе.
Слоганот на денешниот протест во Берлин беше „Рака за рака, ние сме санитарниот ѕид“.
Изразот „санитарен кордон“ бил користен од традиционалните партии во Германија од Втората светска војна за да одбијат било каква соработка на национално ниво со екстремно десничарските движења.
Во Берлин многу демонстранти се загрижени дека партијата AfD би можела да стане втора по големина во Германија по парламентарните избори на 23. февруари, додека најновите анкети предвидуваат дека ќе освојат 20 до 21 отсто од гласовите, зад конзервативната опозиција која има 30 до 32 отсто од гласовите.