Британскиот таблоид Експрес пишува дека „оваа балканска земја со години е омилена дестинација за посетителите од Германија, Австрија, Чешка и Италија, пред се поради пониските цени“.
„Во последните три години цените во хрватскиот туризам се зголемени за цели 50 отсто. Тој скок ја направи Хрватска поскапа од нејзините два најголеми конкуренти – Шпанија и Грција. Таму цените пораснале за само 15 до 20 отсто во истиот период“, пишува британскиот весник.
Ова драстично зголемување на цените сега сериозно ја загрозува репутацијата на Хрватска како евтина дестинација.
Како главна причина за поскапувањето го наведуваат зголемувањето на оперативните трошоци во угостителството.

Хрватскиот портал пишува дека не е познато од каде Exkspres ги добил податоците што ги наведува, бидејќи според податоците на Државниот завод за статистика за април годинава, велат дека бројот на туристи е поголем од април минатата година.
Весникот Експрес пишува дека повисоките цени се резултат на стагнација на бројот на ноќевања, а загрижува и падот на туристичката потрошувачка, велат оттаму.
„Во екот на минатата летна сезона, приходите од странски туризам во Хрватска се намалени за 0,7 отсто во однос на претходната година“, наведува британскиот весник и посочува на сведоштвата на туристите кои, како што тврдат, го изразиле своето незадоволство од високите цени на платформи како Трипадвајзор.
Според извештаите, еден Норвежанец се чувствувал разочаран по неговиот одмор во Хрватска минатата година: „Сè е многу поскапо од порано“, напиша тој.
„Цените се ненормално високи и веројатно двојно или тројно се зголемија за две години. Лежалката чини од 25 до 30 евра! Хрватска беше нашиот прв избор за одмор, но сега за жал сè стана прескапо“.
Високите цени на туристичко-угостителските услуги во Хрватска и минатата година беа тема на бројни странски и домашни медиуми, а многу Хрвати кои немаат имот на Јадранот тврдеа дека повеќе би сакале да летуваат во Грција, каде што е поевтино, додека други велат дека нема да летуваат никаде бидејќи немаат пари за тоа.