По повод 30-годипшнината од смртта на големиот македонски ликовен уметник Борко Лазески, вечерва во 19 часот, во семејната куќа на авторот (ул. Отон Жупанчиќ бр. 15) ќе биде отворена изложба на досега неизложени дела, изработени во период од 1937 до 1950 година. Циклусот претставува значаен дел од искуството на авторот и нуди преглед на неговата уметничка перцепција од тој период. Делата го одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство.
Борко Лазески е зачетник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија. Се запишал на Ликовна школа во 1933/34 година во Белград, а студиите ги продолжил на Ликовната академија во Белград, но поради војната ги завршува на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 година.
Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето нма уметничката школа во Скопје и е еден од оснивачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).
Како стипендист на француската влада во 1945 година се запишува на париската
Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство. Тука ги студира монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во текот на двегодишниот престој во Париз, Лазески работи во ателјето на францускиот уметник и теоретичар Андре Лот, кој има клучна улога во оформувањето на ликовниот стил на Лазески како автор.
Тој е прв ВД директор на Уметничката галерија во Скопје (1948 година).
„Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво кој го одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет“ – вели Марија Коробар, куратор на изложбата.