„Неименувана“ – изложба на современи бајки за хероини од македонската историја

Среде Јадро високо, текстуалните инсталации ни стојат!

Дојдете со нас во волшебниот свет на бајките и навезете во современите бајки за македонските хероини кои ги напишаа учесничките на работилницата за креативно пишување со млади „Неименувана“, која се одржа во јануари 2024 година.

Под менторство на „Дума ин Сума“, неформална иницијатива за култура составена од компаратистките Марија Бошковска, Ивана Смилевска и визуелниот уметник Дарко Алексовски, десет средношколки се запознаа со бајки од цел свет, но и мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја.

Изложбата ќе се одржи на 17 април во КСП Центар Јадро со почеток во 19 часот. Присутните ќе имаат можност ги прочитаат современите бајки напишани од учесничките посветени на партизанката Вера Јоциќ, архитектката Мимоза Несторова Томиќ, режисерката Билјана Гарванлиева, уредничката на списанието „Македонка“ – Веселинка Малинска и на партизанката Мара Нацева – Анка.

Дојдете и прочитајте го нивното „Си било еднаш“.

Присутните ќе имаат можност да ги проследат текстуалните инсталации посветени на хероините, кои визуелно ги уреди уметникот Дарко Алексовски, како и да земат примерок од мини фанзини кои ги содржат бајките од младите авторки.

По изложбата, текстуалните инсталации ќе бидат подарени на соодветни институции за култура и образование, соодветна според дејствувањето на секоја од хероините.

Текстуалната инсталација за Јоциќ ќе биде поставена во истоименото скопско основно училиште, инсталацијата за Несторова Томиќ во Музејот на Македонија, што е воедно една од ретките останати градби кои ги конструирала таа, а текстуалната инсталација за режисерката Гарванлиева ќе може да се види во Кинотеката на Северна Македонија.

Инсталацијата за уредничката на списанието Македонка ќе биде поставена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, додека инсталацијата за Мара Нацева – Анка ќе биде поставена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Текстуалните инсталации преку QR кодови ќе водат до целосните верзии на бајките, кои ќе се достапни и онлајн.

Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако подеднакво важни, не се подеднакво застапени во формалното образование.

За време на петдневната работилница за креативно пишување со млади, која се одржа во „Лабораториум“, учесничките имаа можност да откријат што е заедничко за Заспаната убавица и Марко Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

На работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и

интернет содржини. Во тоа ни помогнаа гостин-менторите Дарко Алексовски и Хана Чурак (БиХ), администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“ и „Тиииит! инк.“

Овој проект е поддржан од германското Министерство за надворешни работи и имплементиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни