Неидентификувани дронови над дански аеродроми: Затворен е воздушниот сообраќај на Данска

Дронови беа забележани над четири аеродроми во Данска, вклучувајќи го и Олборг кој беше затворен со часови. Властите не ја исклучуваат Русија како можен виновник.

Неидентификувани дронови се забележани над четири аеродроми во Данска, поради што еден од нив бил затворен неколку часа, соопшти данската полиција.

Според данските медиуми, дронови биле забележани над аеродромите во Есбјерг, Скијрдструп, Сендерборг и Олборг, при што аеродромот во Олборг бил затворен за сообраќај. Олборг се наоѓа на северот од Данска.

„Активностите на дроновите го попречуваат нормалното работење на аеродромот“

Портпарол на аеродромот во Олборг одбил да коментира колку дронови биле забележани, но полицијата потврдила дека станува збор за поголем број.

„Активностите на дроновите го попречуваат нормалното функционирање на аеродромот во Олборг. Воздушниот сообраќај е затворен и сите летови се откажани“,
изјавил шефот на локалната полиција, Јеспер Бојгорд, додавајќи дека ситуацијата се следи и контролира.

Полицијата исто така навела дека сѐ уште не е јасно дали дроновите видени над Олборг имаат врска со оние што беа забележани пред два дена во Копенхаген.

Што се случило?

Во понеделник навечер, аеродромот во Копенхаген бил затворен речиси четири часа, откако над пистата биле забележани неидентификувани дронови, објави данската полиција.

Според Reuters, сведоци изјавиле дека леталата имале вклучени светла и се задржувале на висина што оневозможувала слетување и полетување — што укажува дека не станува збор за аматер, туку за некој со сериозно знаење и опрема.

Полицијата соопшти дека според проценките на истражителите, дроновите биле управувани од „вешт оператор“.


Сличен инцидент и во Осло

Сличен инцидент бил забележан истата вечер и во Осло (Норвешка), каде што воздушниот сообраќај бил прекинат на три часа.

Норвешките власти засега не ги поврзуваат двата случаи, но според Reuters, се во постојан контакт со данските истражители додека трае истрагата за потеклото на дроновите.

Данска ја обвинува Русија

Во изјава за националното радио, данската премиерка Мете Фредериксен појавата на дронови над аеродромот во Копенхаген ја нарече:

„Најсериозниот напад врз клучната инфраструктура на Данска досега.“

„Тоа кажува нешто за времето во кое живееме и на што ние како општество мора да бидеме подготвени“, изјави таа.

„Отворени сме за сите опции во врска со тоа кој стои зад ова. Не можам да ја исклучам можноста дека станува збор за Русија. И јасно е дека тоа се вклопува во настаните кои ги видовме неодамна — други напади со дронови, прекршувања на воздушен простор и сајбер-напади на европски аеродроми“, додаде таа

„Целта е вознемиреност и тестирање граници“

„Очигледно, целта е да се наруши сообраќајот и да се создаде немир. Да се создаде загриженост. Да се види колку далеку може да се оди во тестирање на границите.

Видовме дронови над Полска, каде што не би требало да бидат. Видовме активности во Романија, нарушување на естонскиот воздушен простор, хакерски напад врз европски аеродроми за време на викендот, а сега и дронови во Данска и Норвешка“, заклучи Фредериксен.

Кремљ изјави дека „нема докази“ за вмешаност на Русија во овие инциденти и дека „не ги сфаќа сериозно“ овие обвинувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни