Полската воена полиција спроведува истрага откако неидентификувано беспилотно летало паднало во близина на објект за радио-електронско извидување во воена база северно од Варшава, потврдија во понеделник полските власти.
Според полскиот јавен радио-сервис, леталото паднало во четвртокот, на околу 70 метри од складиште за оружје, во базата во Пшасниш, град оддалечен околу 80 километри од главниот град. Инцидентот го потврдила и полската армија, но засега не се соопштуваат детали за потеклото и намената на леталото.
Стратешки чувствителна локација
Воената единица во Пшасниш е задолжена за надзор на радио-комуникациите долж северните и источните граници на Полска, вклучително и подрачја со зголемено безбедносно значење за НАТО.
Посебно внимание привлекува фактот што регионот е поврзан со т.н. коридор Сувалки – стратешки тесен појас од околу 65 километри меѓу Полска и Литванија, кој ги раздвојува Белорусија и руската енклава Калининград. Овој коридор се смета за една од најранливите точки на источниот крилен дел на НАТО.
Балони, дронови и безбедносни дилеми
Полската војска соопшти дека неодамна, како и во претходни случаи, во полскиот воздушен простор од правец на Белорусија бил забележан летечки објект налик на балон. Според Граничната стража, ваквите објекти често се користат за шверц на цигари и друга стока, но не се исклучува можноста тие да служат и за тестирање на реакцијата на системите за противвоздушна одбрана.
Тестирање на одбраната од дронови
Во меѓувреме, Полска активно тестира системи за одбрана од беспилотни летала, во услови кога безбедносните анализи предупредуваат дека, и покрај изградбата на најголемата конвенционална армија во Европската Унија, земјата заостанува во развојот на дрон-технологиите и противдронската заштита.
Надлежните институции не ја исклучуваат ниту безбедносната, ниту хибридната димензија на инцидентот, а истрагата треба да утврди дали станува збор за цивилен, криминален или потенцијално безбедносно ризичен настан.
