Европските аеродроми и воздушниот простор се наоѓаат пред нов безбедносен предизвик: се повеќе неидентификувани дронови навлегуваат во контролирани зони, предизвикувајќи прекини на летови, затворање на терминали и паника меѓу патниците. Во последните неколку недели, регистрирани се повеќе инциденти во кои беспилотни летала прелетале над аеродроми во Данска, Германија, Полска и Скандинавија, поради што десетици летови беа откажани или пренасочени, а илјадници патници останаа заглавени.
Официјалните институции во повеќе земји не ја исклучуваат можноста дека зад ваквите упади стои Русија. Според европски разузнавачки извори, ваквите акции сè повеќе се анализираат како намерни обиди за тестирање на одбранбените капацитети на Европската унија и НАТО, особено кога целите се критични инфраструктурни точки како аеродроми, енергетски постројки и логистички центри. Дел од набљудувачите ваквите настани ги толкуваат како дел од поширока стратегија на хибридна војна – мешавина од сајбер-напади, пропаганда, саботажи и воздушни провокации – со цел да се испита колку Европа е подготвена да реагира на невоени, но опасни сценарија.
Ова не е изолиран феномен. Во Полска беа соборени повеќе од дваесет беспилотни летала кои го нарушија воздушниот простор на земјата, а во неколку случаи во источна Европа, властите регистрираа прелети на непознати дронови во близина на воени бази и комуникациски објекти. Иако ниту една држава директно не презеде одговорност, анализите на летачките траектории, техничките карактеристики и времето на појавување укажуваат дека станува збор за координирани акции, најверојатно поврзани со Москва.
Инцидентите предизвикуваат сериозни последици и на цивилно ниво. Привременото затворање на аеродром значи милионски финансиски загуби, нарушени летови, доцнења во транспортот на стоки и зголемен ризик по безбедноста на патниците. Притоа, трошокот за вакви операции е речиси занемарлив: едноставен комерцијален дрон кој чини помалку од илјада евра може да ја наруши работата на целиот воздушен сообраќај на една држава.

Како одговор на зголемената закана, Европската унија работи на нова стратегија за заштита на воздушниот простор. Во план е воспоставување заедничка европска мрежа на радари, сензори и системи за пресретнување на дронови, позната како „анти-дрон ѕид“, која треба да стане оперативна во следните две години. Но експертите предупредуваат дека технологијата сама по себе нема да биде доволна ако не се промени начинот на размислување: Европа мора да го прифати фактот дека воздушниот простор повеќе не е апсолутно безбеден и дека секоја летечка закана, колку и да изгледа мала, може да биде дел од поголема стратегија.
Она што ја прави ситуацијата уште посериозна е што овие инциденти не се насочени само кон инфраструктурата, туку и кон психолошката безбедност на јавноста. Дури и краткотрајна блокада на еден аеродром создава чувство на ранливост и несигурност, а тоа е токму ефектот што го посакуваат авторите на ваквите операции. Присуството на дронови кои можат да минат незабележано и да предизвикаат хаос со минимален ресурс претставува нова реалност што европските власти мора да ја прифатат.
Неидентификуваните летала кои го испитуваат европското небо се повеќе не се „инциденти“, туку предупредувања. Тие укажуваат дека одбраната на континентот не завршува на границите, туку почнува во воздухот – таму каде што најмалите закани можат да прераснат во големи кризи. Европа може да си дозволи грешки во политиката, но не и во безбедноста на своето небо.