Недостигот на чипови го поскапува смартфонот: Дали 2026 ќе биде крај на евтините телефони?

Бумот на вештачка интелигенција и глобалниот недостиг на мемориски чипови го зголемуваат цените на смартфоните. Колку би можеле да поскапат и како тоа влијае на пазарот на нови и обновени телефони.

Ерата на евтините мемориски медиуми полека завршува. Бумот на вештачка интелигенција ја зголемува побарувачката за мемориски чипови, а со тоа и цените на смартфоните. Оние кои во 2026 купуваат нов уред, ќе треба да платат повеќе.

„Бумот на вештачка интелигенција и инвестициите во инфраструктура и дата-центри влијаат директно на пазарот на мемориски чипови“, објаснува Вулфганг Вебер, претседател на Здружението за електро и дигитална индустрија (ZVEI).

Според анализите на World Semiconductor Trade Statistics (WSTS), цените на чиповите минатата година пораснале за 50%. Ова не само што создава подолги рокови на испорака, туку и раст на цените на електронските уреди. Само недостигот на чипови од 2021 до 2023 година предизвика штета од над 102 милијарди евра во Германија.

Глобалното пазариште на полупроводници достигна 346 милијарди долари во првата половина на 2025, со раст од 18,9% во однос на претходната година. За 2026 година се очекува дополнителен раст од над 25%, на 975 милијарди долари.

Според студијата на IDC, просечните цени на новите смартфони може да се зголемат за 3-5%, а во најлош случај дури и до 8%. Ерата на лесно достапна и евтина меморија полека завршува, а 2026 најверојатно ќе биде година на поскапување на технологијата поради проблеми во снабдувањето, а не поради раст на побарувачката.

Компанијата Samsung веќе најави зголемување на цените, додека Apple засега се уште не се изјасни. Аналитичарите очекуваат можни дополнителни надоместоци за поголеми мемориски капацитети.

Мемориските чипови сега сочинуваат околу 10% од трошоците на моделот iPhone 17 Pro Max, а се очекува во наредниот период да достигнат и до 20%.

На германскиот пазар, поради недостигот на чипови, се очекува стагнација или благ пад на побарувачката за нови уреди. Сепак, пазарот на обновени (refurbished) смартфони расте – во јули 2025 тие достигнаа 9% од пазарот во ЕУ, а на некои онлајн пазари веќе сочинуваат повеќе од 40% од продажбата на модели под 600 евра.

Заклучокот на експертите: недостигот на чипови и растот на цените на мемориската технологија го прави купувањето на нови смартфони поскапо, додека обновените уреди стануваат важен дел од пазарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни