На светот му се заканува недостиг од нафта поради војната со Иран

По само неколку недели од стабилен и заситен пазар, војната на Блискиот Исток отвори ризик од сериозен прекин во снабдувањето, раст на цените и можни недостиг на гориво во повеќе делови од светот.

Светот би можел да се соочи со сериозни нарушувања во снабдувањето со нафта доколку продолжи војната поврзана со Иран, предупредува CNN во анализа што ја пренесе Index. Според таа анализа, од пазарот се исфрлени меѓу 12 и 15 милиони барели сурова нафта дневно, што создава притисок врз цените и ја зголемува загриженоста за физичката достапност на енергенсите.

Во анализата се наведува дека пред само шест недели пазарот бил презаситен со сурова нафта, со ниски и стабилни цени. Денес, пак, делови од енергетскиот сектор реагираат како светот да е на раб на сериозен недостиг, а причината, според CNN, е воениот судир на Блискиот Исток, кој предизвикал еден од најголемите потреси во снабдувањето со нафта досега.

Според анализата, ниту ослободувањето на стратешките резерви ниту најавеното зголемување на производството од страна на ОПЕК+ засега не се доволни за да се надомести загубата. Пазарот веќе испраќа сигнали на тревога, особено затоа што цените за побрза испорака на нафта се повисоки од оние за следните месеци, што обично укажува на страв од ограничена понуда.

Во меѓувреме, цените продолжуваат да растат. Во анализата се наведува дека американските термински договори за нафта речиси се удвоиле од почетокот на годината, додека Брент се искачил над 110 долари за барел. Уште повисока е цената на физичките барели, при што „Dated“ Brent минатата недела достигнал 141,26 долари, највисоко ниво од 2008 година.

Притисокот веќе не се чувствува само кај суровата нафта, туку и кај дериватите. CNN наведува дека цените на авионското гориво во последниот месец се удвоиле, а дел од авиокомпаниите веќе почнале да ги намалуваат летовите. Како пример се споменува United Airlines, која планира да го скрати распоредот на летови за 5 проценти во следните шест месеци.

Ако Ормускиот Теснец остане затворен уште шест до осум недели, во анализата се предупредува дека може да дојде и до недостиг од дизел, а во одредени услови и од бензин, особено за време на летната сезона. За разлика од суровата нафта, овие деривати потешко се пренасочуваат, бидејќи најчесто се транспортираат преку цевководи од рафинериите до складиштата.

Во такви услови, дел од државите веќе воведуваат ограничувања. Според текстот, некои азиски земји го намалуваат извозот на горива, додека други рационализираат потрошувачка за да го ублажат јазот меѓу понудата и побарувачката. Тоа краткорочно може да помогне, но носи и нови економски последици.

Иако САД се меѓу најголемите производители и преработувачи на нафта, ниту тие не се целосно заштитени од ваквите шокови. Анализата предупредува дека ако кризата продолжи, последиците постепено би можеле да се прелеат од Азија кон Европа, Африка и американскиот пазар, претворајќи го енергетскиот потрес во поширок глобален проблем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни