Недела наутро:
Одамна недела не е „недела” и мислам дека тоа веќе стана пракса и едноставно човек се навикнува. Ако некогаш беше ден за одмор и спремање за почеток на работниот понеделник, сега веќе секој ден ми е ист 🙂 Но, во секој случај тука се неколку ритуали кои без разлика на распоредот гледам да бидат задолжителни. Ладен туш и кафе е сигурно, многу сакам кога ќе најдам време и за неделно вежбање, едноставно цел ден е друга енергија. Во принцип сум утрински човек, така што немам проблем да станам со аларм и во недела, малку порано, колку и тоа чудно да звучи на многумина 🙂 Во принцип, многу сакам кога се уште нема раздвиженост по улиците јас да сум буден со шолја кафе во рака.
Неделен ручек:
Прашањето многу ме потсети на неделниот ручек кај баба ми која секојдневно ми недостига, а ми беше инспирација и сила во секој дел од мене. Тоа баш ни беше ритуал, посебно што секогаш готвеше она што ни е мерак, една е баба! Иако тоа не го споделувам често, многу сакам да готвам и сум вистински гурман. Најчесто ме инспирираат рецепти на социјалните мрежи под насловот „брзо и здраво”… Или пак на готово, во некое од локалните ресторанчиња низ градот, обожавам таков ручек и пладне поминато со друштво… Кога сум во Охрид секако задолжителен е ручекот од мајка ми кој не го заменувам со ништо на светов.
Недела попладне:
Секој момент е нова емоција, па недела попладне може да биде и добро кафе во приквечерните часови со блиските или пак некоја генералка по дома, како велат, што се мора не е тешко 🙂
Неделно опуштање:
Рецепт за убав ден нема, едноставно лично ми е најважен почетокот на денот… Доволно ми е малку време за себе па се друго после ми изгледа поубаво и полесно.
Недела навечер:
Ако денот бил динамичен вечерта многу брзо завршува, бидејќи ми се спие. И тоа го знаат сите, едноставно немам кондиција за вечерно заглавување и тоа е тоа. Сакам да гледам филмови, не ме интересира насловот ниту актерската екипа, важно ми е да ми го одземе вниманието првите минути… Знам дека не е пресудно, но ако почетокот не ме „купи” ништо не правиме, се откажувам 🙂
Недела во детството:
Недела беше ден за бањање. Нели!? Се сеќавам дека недела вечер задолжително се одеше на туширање, па се местеше школскиот ранец со соодветните тетратки за понеделник. Да, недела од детство ме асоцира и на задолжителните домашни задачи кои едноставно мораш да ги завршиш. Кога ќе размислам, недела отсекогаш била полн список на обврски. И секако, играње по дворови и дома со другарчињата…
Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Се радувам на понеделник… Почнува друга динамика а јас сум навикнат на обврски и брзо темпо. Некогаш тоа навистина изморува, но ќе си најдеш „недела” било кое време друг ден па се комбинира.