Недела наутро:
Тоа ми е најубавото утро. Морам да признаам дека појадокот го заменувам со кафе, сега веќе без цигара, бидејќи решив и донесов одлука да ги откажам, а рекреација ми е мојот двор во село Теово и грижата за него, милениците и одгледувањето на органска храна.
Неделен ручек:
За мене е тоа празник. Кога сум во Скопје често знам да си приготвам сам, но почесто сум кај моите родители, бидејќи недела не сакам да настапувам или да играм претстави, па тогаш мојата мајка која е исклучително вешта во кујната припрема ручек по наш ќеф. Но, знаеме и да му го дадеме тоа задолжение на татко ми, но исклучиво ако сме одлучиле да правиме скара за ручек. Тој е мајстор за тоа. Не сакам да јадам многу по ресторани, мене семејниот ручек ми е свето. Додека бев дете многу сакав да јадам кај двете баби кои ми ги правеа јадењата кои ги сакам најмногу, но за жал и двете веќе не се на овој свет и затоа мајка ми е таа која ми ги прави највкусните јадења.
Недела попладне:
Никогаш не дозволувам да бидам депресивен, тоа е опасна состојба и кој поминал знае како е. Често сум дома и пак ќе речам помеѓу моите најблиски, милениците и низ дворот. Понекогаш знам и да заминам во некој од нашите манастири и да го поминам тој период во мир и тишина. Гости сакам да ми доаѓаат и тогаш почнуваат веселбите, дружбите, мезето… Во недела исто така сакам и да одморам и од социјални мрежи, од излегувања, бидејќи секој треба да има барем еден ден во седмицата за себе. Тој ден за мене е недела.
Неделно опуштање:
Со своите најблиски кои исклучително ми се важни, кои се мојот ветар во грб. Не постои некој конкретен рецепт за убав неделен ден, постои само благодарност што ви е дадена шанса да го дочекате тој ден, а со добра мисла, со дистанцирање од негативните настани и личност денот ви е убав.Секогаш е така, тоа го осетив на сопствениот грб. Најважно од се е да си го гледате својот двор, да ви биде среден, а во комшискиот да не се мешате.
Недела навечер:
Генерално сум дома и никогаш не ми е досадно. Немам некој посебен ритуал за подготовка за понеделник, бидејќи мојата професија е многу поинаква.
Недела во детството:
Многу нешта ме потсетуваат за недела во детството. Тогаш моравме да имаме јас и брат ми напишано домашна работа за на училиште, одевме во 12 часот на пладне на детска театарска претстава во Театарот за деца и младинци, некогаш бевме на гости со моите родители кај бабите и дедовците…Исто така останато ми е во сеќавање како ги гледавме сериите ,,Мечето Ушко” потоа со слатко на масата ја гледавме серијата „Бољи живот“. Многу убави мигови и среќни недели ни приредуваа нашите родители мене и на брат ми.
Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Да, бидејќи за мене не е важно кој ден е утре, важно е да сме живи и здрави, исполнети со добра мисла и денот да е среќен и благословен. Среќни да сме на сите нови денови.