Пожарникарите ја завршија борбата со огнот и густите облаци чад кои ја блокираа пристапноста до повисоките катови, каде се верува дека има заробени станари.
Трагедијата започнала за време на градежни активности на комплексот од осум висококатници, кои заедно содржат околу 4.800 жители. Првичните полициски наоди укажуваат дека токму материјалите употребени во реновирањето – заштитни мрежи, пластични облоги и пена што не ги исполнувале пожарните стандарди – можеби одиграле клучна улога во брзото ширење на огнот. Посебно се сомничи и бамбусовото скеле, традиционална, но се повеќе критикувана практика во Хонгконг, кое лесно може да стане запаливо, особено при силен ветер.
Полицијата соопшти дека има „основано сомневање за груба небрежност“ од страна на изведувачката фирма. Тројца вработени – двајца директори и инженерски консултант – се уапсени. Иако полицијата првично не го именуваше изведувачот, локалните медиуми објавија дека биле претресени канцелариите на фирмата Prestige Construction and Engineering, која е регистрирана како официјален изведувач на реновирањето. Од таму биле однесени кутии со документи како докази. Компанијата засега нема дадено јавна изјава.
Хонгконгските власти истакнаа дека, согласно законските одредби, сите скелиња мора да бидат обвиени со негорливи материјали. Доколку се утврди прекршување на градежните прописи, случајот ќе биде предаден на Градежниот департман за понатамошни санкции, меѓу кои можат да бидат и дисциплински постапки.
Пожарната служба соопшти дека пожарите во четири од осумте згради се целосно изгаснати и дека три други се под контрола. Една зграда останала незафатена. Сепак, битката за пристап до највисоките катови продолжува, како и потрагата по исчезнатите. Еден преживеан бил пронајден на скалиштето на 16-ти кат, повеќе од 24 часа по избувнувањето на огнот.
Главниот администратор на Хонгконг, Џон Ли, изјави дека 279 лица првично биле заведени како исчезнати, но пожарникарите подоцна успеале да воспостават контакт со дел од нив. Повеќе од 900 жители ноќта ја поминале во привремени засолништа, од кои некои биле целосно исполнети до средата навечер.
Сцените околу комплексот беа мачни: жители плачеа додека го гледаа чадот што се издигнува од нивните домови. Еден 71-годишен маж, по презимето Вонг, очајно повторувал дека неговата сопруга останала заробена внатре. Други, како 70-годишната Чу, се обидуваа да стапат во контакт со соседите, но безуспешно. За многумина, клучната грижа била каде ќе ја поминат следната ноќ – многу е извесно дека домовите веќе им се уништени.
Случајот веќе го споредуваат со трагедијата во Гренфел Тауер во Лондон во 2017 година, каде запалливата надворешна обвивка придонесе за смртта на над 90 луѓе. Сличностите ги отворија прашањата за регулативата, надзорот и одговорноста во градежниот сектор, особено во однос на материјалите употребувани на висококатници.
Кинескиот претседател Си Џинпинг упати повик за „максимални напори“ да се изгасне огнот и да се спасат што е можно повеќе луѓе. На социјалните мрежи кружат видеа и фотографии кои предизвикуваат гнев – меѓу нив и снимка за која се тврди дека покажува градежни работници кои пушат на бамбусовото скеле за време на реновирањето.
Иако Хонгконг во последните децении значително ги подобри безбедносните стандарди, локални организации предупредуваат дека пожарите поврзани со скелиња се повторувачки проблем. Само годинава, велат тие, имало најмалку три слични инциденти.
„Ванг Фук Корт“, изграден во 1983 година како дел од програмата за субвенционирано домување, моментално беше во тек на реновирање вредно 330 милиони хонгконшки долари. Според објави, секое домаќинство плаќало меѓу 160.000 и 180.000 хонгконшки долари за поправките.
Додека истрагата продолжува, а бројот на жртви расте, Хонгконг останува во состојба на шок. За многумина, ова не е само несреќа — туку предупредување дека дури и најурбанизираните и технолошки напредни градови остануваат ранливи доколку безбедносните стандарди се прекршат или игнорираат.
Извор: The Guardian
