Доаѓа и тој момент кога по 30-тата година од твојот живот одеднаш сите или поголемиот број луѓе околу тебе стапуваат во брак или имаат деца. Ти одеднаш можеш да се најдеш во ситуација каде кругот на луѓе и пријатели значително ти се намалува и дури може да биде невозможно да најдеш друштво за да излезеш или одиш на кафе. Но да ви ја кажам вистината. Вистинските пријатели нема да ве напуштат затоа што стапиле во брак или добиле дете. Да нивното време ќе биде значително намалено, но ако навистина ви се пријатели нивнитите приоритете да најдат време и да се видите нема да се променат. Значи, проблемот не е во вас, туку треба да си побарате ново друштво.
Како некој што не е во брак, нема полоша реченица која може да ја слушнам од „Ајде да те мажиме“ и на жалост и покрај натчовечките напори кои ги правам да не бидам опкружена со тип на луѓе кои се изразуваат на овој начин, некогаш тоа е невозможно.
Затоа сакам да прашам. Која е целта на „Ајде да те омажиме?“ Дали некому таму бракот му изгледа како одлука која може да се донесе преку ноќ, непромислено и затоа што си ги пречекорил прагот на 30тата?!

За мене бракот е нешто кое треба да се случи природно. Оваа одлука е една од најважните во животот и не смее да вклучува фактори како години или тоа што сите околу тебе стапуваат во брак. Секој човек е различен и сите имаме различни погледи на работите, цел и темпо по кое сакаме да чекориме во животот. Чуму притисокот и брзањето? И најважното од се, како вам ви менува дали јас или некој друг ќе се омажи/ожени? Која е вашата корист од тоа? Тогаш зошто ги поставувате тие заклучоци, прашања и барања?!
Морам да ве потсетам на нешто исто така многу важно, особено кога живеете во конзервативно и затворено општество како нашето овде. Се е во ред со вас доколку не сте во брак по вашата 30та година! Да, да. Нема никаков проблем со вас и ништо не ви фали и покрај тоа што одредени индивидуи ќе пробат да ве убедат во спротивното. Најфасцинатно од се е, е што истите тие личности се баш оние кои не се среќни ниту исполнети во својот живот. Јас ретко добивам прашање од луѓе кои се среќни во својот брак – „Кога ќе се мажиш?“ И погодете зошто. Затоа што истите тие знаат дека бракот не е нешто што се планира и случува кога ти сакаш или кога твоите од дома ќе одлучат дека е време (иако некогаш во минатото било така).
Затоа да престанеме да гледаме на луѓето кои не се мажени или женети како луѓе на кои
нешто им недостасува во животот (нешто им фали!). Почнувам од себе. Јас никогаш не
сум била посреќна, поисполнета и поздаволна со себе! Не сум против бракот, но негледам на тоа како фактор за среќа. Мојот фактор за среќа е да бидам жива и здрава, да сум опркужена со луѓето кои ги сакам и да уживам во врската која ја имам со себе, затоа што таа е најважната.

Еден ден кога ќе ја сретнам личноста која ќе додаде квалитет на мојот живот, наместо да одземе, личност која ќе додаде среќа, хармонија, мир и љубов, тогаш можам да започнам со планирање и размислување за заедничка иднина. Нема години и време за брак! Бракот е во ред и ако се случи и на 25, 35, 45, 55, 65 или 75. Не правате од нешто кое треба да претставува хармонична заедница, обврска која мора да се исполни до одредена година во животот. До тогаш водете сметка за вашите избори во животот и грижете се за вашата среќа. Престанете да им берете гајле на другите и да се обидувате да ги „скрасите“.
За крај не заборавајте. Не сите сакаат да бидат во брак и тоа исто така е во ред. Многу луѓе наоѓаат среќа во други работи и не е на вас да судите и давате заклучоци. Како што викаат постарите „Ти гледај си го свјот двор, остави ме јас да си берам гајле за мојот“.