Не вредат ни до толку?

На пат до дома упорно се обидувам да заспијам, ама ушите ми ги бодат сечии муабети. Овој за комшивките, не ми е интересен, ниту овој за колешките од работа на тетка Сузе. Кога се ми изгледаше досадно… Слушнав ,,Ајде… судбина!”. Продолжувам да се обидувам да заспијам, ама не можам… За што оваа млада девојка ќе се потпре на судбината?

,,Не ја примија ниту во Сениќ, не знам што да кажам, стварно судбина. Може не требало да учи. Многу пари ќе и требаат ако не седи во студентски”

What? Не требало да учи? Почнувам да се пресметувам, платив над 800 денари за повратна карта со автобус, затоа што минатиот пат кога одлучив да одам дома со воз се враќав 7 часа. Ми смета до немајкаде, а богами не сум ни студент! Вклучувам телефон и барам. Колку вредат младите во Македонија? Ми излегува Ангела Мешкова и нејзиниот Инженерски прстен, ми излегува Теодора Мазнева од Фармација и нејзиниот просек 9.81. Ми излегуваат добитниците на наградата „26 јули“ се Давид Стојаноски, Дејан Радуловски, Ана Софеска, Габриела Козарова, Кристина Стоилковска, Ања Филипова и Ева Зовиќ. А, богами ми излегува и Алексеј Тасиќ од кој не можам да ги набројам сите злата и сребра што ни ги има донесено од меѓународни натпревари. Читам за награди и еден куп вредни умови кои сигурно ги има, а можеби за нив никаде не е напишано или не се ни истакнати. И сите овие не се доволно вредни за достоинствен превоз до дома и студентско нормално легло. Тука не зборуваме само за нормални кревети и згради, туку за основното право на образование кое доаѓа со планина трошоци и куп логистички неможности.

Голем број студенти, особено оние од внатрешноста на земјата, се ефективно блокирани поради нефункционалноста на можностите што треба да ги обезбеди системот за образование. За многумина, јавниот превоз до дома е скап, а билетите за меѓуградски автобус кои еднаш пораснаа и никогаш не погледнаа за надолу. И кога возот останува да биде единствената прифатлива опција, тој често ги влече студентите низ патување кое трае колку сезона од емисијата ,,Survivor”. Во Скопје, каде цените за киријата се неверојатни, оние кои не можат да си дозволат стан се наоѓаат во преполните студентски домови, поднесуваат предизвикувачки секојдневни патувања или се потпираат на реченицата ,,Ајде, судбина”.

Недостигот на прифатливи и достапни станови или студентски легла е тековен. Решенијата се дискутираат, ама ретко се на итност, а понекогаш и се подзабораваат.

Инвестирањето во правично домување за сите, функционална инфраструктура и градење на општество во кое младите нема да измислуваат сигурни денови, не е луксуз!

Вредните мозоци кои ги набројав, а и нивните другари, нели заслужуваат да имаат место за спиење, ама и да патуваат до Кичево со возот? Да не заглавуваат на Богомила кога одат за Битола, и во лето да не седат со јакна оти ладењето е вклучено на максимум?

Некој би рекол премногу барате, а некој премногу сте гласни. Но, најверојатно го кажува тоа од привилегирано место. А, привилегијата е невидлива за оние што ја имаат… Нели? Односно, како и да е… Судбина…

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни