Не ве примија на работа? Искуството искористете го како шанса за уште подобра можност

Ако не успеавте веднаш да најдете работа која ви одговара – не се откажувајте. И малите победи значат: како учество на networking настан, или запишување нов курс. Секој чекор е важен.

Дури и кога ќе слушнете „не“ од потенцијален работодавач, тоа не значи крај – пораката на Џолин Андерсон, директорка за човечки ресурси и заедница во компанијата BetterUp, е дека токму од таа ситуација може да произлезе нова можност, па дури и во истата фирма.

„Одбивањето е нова шанса за градење мрежа на контакти“

Да се слушне „не сте избрани“ не е лесно, особено ако сте поминале недели или месеци во процесот на селекција. Но, обидете се да го гледате како шанса за проширување на професионалната мрежа.

Во текот на интервјуто ве запознаа луѓе од компанијата, разговаравте со членови на тимот – тие сега знаат кој сте и што умеете. Веќе сте создале лична врска во рамки на вашата индустрија.

Ако чувствувате дека сте се поврзале со некој од нив – испратете кратка порака на благодарност. На пример:

„Ви благодарам за времето и разговорот. Ми е жал што моите вештини не се поклопија со потребите за оваа позиција. Дали постои можност за некоја друга улога во вашата компанија која би ми одговарала повеќе, или можеби некој во вашата мрежа со кого би можеле да ме поврзете?“

„Некогаш сум ги препорачувала токму тие кандидати на мои пријатели“

Оваа порака можете да ја испратите по е-пошта или преку LinkedIn, а можете и да замолите регрутерот да ја пренесе. Најлошото што може да се случи? Да не добиете одговор. Но, не губите ништо. Напротив – покажувате иницијатива и проактивност.

Андерсон споделува дека неколкупати добивала вакви пораки и дека некои од тие кандидати ги препорачала на свои пријатели или ги поврзала со други компании – затоа што верувала во нивниот потенцијал.

Таа заклучува:
„Сите ние сакаме луѓето да го најдат своето место – таму каде ќе успеат, ќе придонесуваат и ќе се развиваат.“

Затоа, следниот пат кога ќе ве одбијат за некоја работа – не ја гледајте ситуацијата како неуспех, туку како шанса за нова врска, ново познанство – и можеби, нова работна можност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни