Во оваа комбинација на капитализам и патријархат, нашите женски тела и грижата за нив се изложени на нереални очекувања и стандарди. Преплавени сме со фрази како “вистинска нега на себе”, “убавина која зрачи однадвор” и што ли уште не.
Терминот “грижа за себе” денес е во криза. Жените го чувствуваат тој притисок. Меѓу овие нереални очекувања и маркетинг кампањите, многу е лесно да се видиме себеси како недоволно убави, недоволно слаби, недоволно привлечни… Што всушност значи нашата убавина според кои критериуми таа се утврдува?
Се бориме за нашите основни потреби. За менталното и физичкото здравје. А од таму тргнува сè. Не забораваме колку тешко се стигнува до редовна психолошка помош во државни установи, затоа што тешко ја добиваме. Или колку пари ни требаат ако сакаме да направиме испитување за своето здравје, а мора да посегнеме по приватно здравство.
Повеќето жени не можат да си ја дозволат ни основната грижа која им е потребна. Не само што се борат со товарот од тоа како треба да изгледаат, туку и со стресот од неможноста да се одржува благосостојбата. Тоа станува заштеда која треба да се планира за мнозинството жени. Ако се немаат услови да се изведе тоа планирање, се позајмува. Не се ни стигнува до идејата за козметички салони и и понатаму.
Уморни сме постојано да сме објективизирани и нашиот физички изглед да е тема на дискусија. Меѓу очекувањата како треба да се грижиме за себе и можностите, водиме една сериозна битка со системот. Оној кој нè поттикнува да бидеме несигурни, незадоволни со себе, кој од друга страна, не ни дава шанса да одлучуваме сами за себе. Во меѓувреме маркетинг индустријата постојано ни сервира нови стандарди за нашиот изглед и живот.
Време е за порадикален бунт против овие очекувања.
Време е да живееме заради себе, а не заради оние кои имаат некакви очекувања од нас. Време е.