Познатиот актер и шоумен Игор Џамбазов е најновата жртва на злоупотреба на вештачката интелигенција, откако на социјалните мрежи се појави видео со лажна содржина во кое тој е прикажан во инвалидска количка и лажно обвинет за физички напад врз фармацевти.
Видеото, кое Џамбазов самиот го сподели на својот Инстаграм профил за да ја разобличи измамата, е монтирана комбинација од повеќе елементи: фотографија со инвалидска количка, лажна изјава генерирана со вештачка интелигенција, како и исечоци од тепачка на нешто што наликува на Собрание.
Преку монтажа со глас на новинарка од телевизија Телма, во видеото се пренесува целосно измислена приказна во која Џамбазов наводно нападнал фармацевти заради забрана на наводен лек на доктор Илир Демири кој беше и екс министер за здравство.
Видеото дополнително е “збогатено” со обработени фотографии на кои актерот е прикажан уапсен со лисици на рацете, со цел да се создаде уште посилен лажен впечаток.
Џамбазов остро реагираше на ваквата злоупотреба на неговиот лик
„Е не сте нормални… Вие што го смисливте ова. Колку што јас бев во инвалидска количка, толку вие да бидете среќни и успешни луѓе! Имате ли ум воопшто? Оти мозок немате, евидентно. И да, заборавив. Срам да ви е! И арам!“ – напиша тој покрај објавата.
Овој инцидент повторно го отвора прашањето за етичката и правната регулатива на користењето на вештачката интелигенција, особено во креирањето дезинформации и манипулативни содржини со цел да се дискредитираат јавни личности.