Во периодот кога или не живеев овде или почесто бев надвор, чувствував глад за промени, за новости, за бои,јазици, живот. Потоа се изгубив во контрастот и мислата дека истовремено живееш живот дома и некаде на друго место, па сегашноста често се заменуваше со апликација за контактирање на блиските луѓе кои живеат далеку од мене. Сега, размислувам за некакво привидно чувство на стабилност во крајно нестабилен свет и период, тргнувајќи од личните одлуки и иднина која се гледа појасно малку повеќе од пред некое време.
Три пати во последниве две години ја скратив косата драстично, потврдувајќи си ја потребата нешто да отфрлам и да сменам. Така и со многу други работи: често се обидував да правам пресеци, да анализирам што ми треба и што ми се допаѓа, да заминувам, да се враќам. Најголемо задоволство наоѓав токму во тие моменти кога нешто станувало различно, кога се појавувале нови работи и сум ги дозволувала. Дури и размислувањето за некои нови дефиниции за поголема стабилност без разлика дали е тоа укотвување во една земја или што и да е, се дел од тоа менување и се чувствувам дека е еден бесконечен процес кој ќе трае и ме полни со енергија и смисла.
Некогаш се прашувам дали ова има крај и дали тој нескротлив поттик за одлепување од себеси и преминувањево нешто друго ќе престане, ама не можам да замислам да не е така, затоа што не можам да замислам откажување од создавање нови визии, од сонување нови, поголеми соништа, од пронаоѓање некакви нови начини и храброст да се спознава овој свет, колку и да ни е мрачен во моментов. Во духот на овој чуден карактер, знам дека тоа нема да престане и гледам како секое искуство кое ми е драго, настанало токму поради таа незапирлива потреба да се бараат и очекуваат промени, особено оние кои ме плашат и го носат драматичното ново.
Сфатив и дека во оваа средина која е прилично демотивирачка на моменти, тоа е мојот механизам да не го изгубам еланот. Тоа не значи дека ова е лесно. Напротив, секој период на трансформација носи едно огромно чувство на непријатност низ кое често се поминува и со месеци, од кое потоа најчесто создавам нешто. Но, додека дојде до тоа, може да биде прилично непријатно и мачно, дури и со свесноста дека тоа значи континуирано растење и развивање како човек кое свесно си го дозволувам.
Го пишувам ова сега за да се потсетам колку е важно сето ова да се размисли и да се живее автентично со она што мислиме дека е најдобро за нас. Автентичност низ своите процеси и живот ми една од тие најважни работи за градење интегритет, а тие доаѓаат заедно со повремено темелно преиспитување на своите позиции и на себеси како живо суштество. Желбата за промени и односот кон нив е клучот. Кога научив што ме прави најслободна, сфатив дека голем дел од тие нешта се поврзани со стравот од новото, соочување со непознатото и она што не го знам. И престанав да посакувам да е помалку интензивно, почнав да учам како да живеам во таа свежа непријатност од сите нешта кои не процветале сè уште и да видам што може да се направи додека се живее таа позиција.
Така лично низ растењето периодов ја впивам уште повеќе комплексноста на постоењето, низ некое ново спознавање. Им велам добредојде на прашалниците, не им се плашам. Сакам да мислам дека кога сме отворени токму кон она што ни е непознато и навидум нè плаши, си ја покажуваме онаа убава сила во полн сјај како луѓе и си ги прошируваме сопствените граници. А, зарем има нешто поубаво од тоа да се знае, дека без разлика на возраста растеш секогаш, растеш без престан и можеш да го забележиш тоа? Не си точка, не си само во едно место, сведочиш на комплексната природа на постоењето и не се плашиш да менуваш облици. Не се плашам ни јас, го повторувам тоа и го завршувам второ кафе.