Празниците, зимата и подолгото време поминато дома значат поголема употреба на домашни апарати. Но, според експертите за електрични инсталации, многумина секојдневно користат уреди кои можат да претставуваат сериозен ризик од пожар или струен удар, често несвесни за првите знаци на дефект.
Тие нагласуваат дека повеќето електрични пожари можат да се спречат со навремено одржување и малку повеќе претпазливост. Но, некои уреди никогаш не треба да се оставаат вклучени кога не сте дома.
Електрични грејачи – најголем ризик
На врвот на листата се електричните грејачи. Тие трошат многу струја и произведуваат силна топлина, што ги прави особено ризични во мали простории или во близина на запаливи материјали.
Експертите препорачуваат секогаш да се држат барем еден метар од завеси, мебел, облека и други запаливи предмети и редовно да се проверуваат нивните кабли.
Машини за перење и сушење – опасна комбинација
На второ место се машините за перење и сушење. Тие предизвикуваат голем број пожари дома, бидејќи комбинираат вода, струја, високи температури и механички делови.
–Наталожените влакна во сушачите често се причина за пожари, истакнуваат експертите.
Препораката е едноставна, редовно чистете ги филтрите и избегнувајте користење на сушачите ноќе или кога не сте дома.
Тостери и електрични чајници
На трето место се мали кујнски апарати како тостери и електрични чајници. Луѓето често ги оставаат постојано вклучени, иако може да се наталожат остатоци, како трошки, кои со топлина создаваат идеални услови за пожар.
Редовното чистење може да спречи непријатни изненадувања.
Продолжни кабли – претоварот е проблем
Продолжните кабли и адаптери со повеќе приклучоци се на четврто место. Најголем проблем е кога се користат за премногу уреди или се поврзани еден на друг.
Често гледаме домови каде каблите се поврзани во ланец, што доведува до прегревање на жици кои не се наменети за такви оптеретувања – предупредуваат експертите.
Полначи за мобилни телефони – мали, но потценети
Листата ја затвораат полначите за мобилни телефони. Наизглед безопасни, тие можат да станат опасни ако се оштетени или купени како евтини, неоригинални замени.
Таквите полначи често немаат потребни безбедносни компоненти, можат да се прегреат или да го насочат неправилно напонот кон уредот што претставува ризик и за корисникот и за домот.
