Не ми се оди по бурек, сакам да ја научам работата

Norma Rae screenshot

Веќе долго време набљудувајќи каков третман добива секој што за прв пат се вклучува на некое работно место, сакам да зборувам за едно од моите први работни искуства. Себе си секогаш се гледав како девојка што сака да научи. Затоа без разлика на кое работно место работев, задачите сакав да ги знам од почеток до крај. Да си ја прелевам работата и во активностите на другите само за да научам повеќе. Меѓутоа, тоа често пати е само желба. Затоа што за да научиш мора да имаш некој да ти покаже но и да ти дозволи да се вклучиш. За среќа на некоја предолга традиција кај нас, најмладиот на работно место прво вари кафе за сите, оди по бурек, купува цигари и треба да биде цело време подготвен ако на некој му треба некоја ситна работа да се заврши што на ГОЛЕМИОТ не му е во „опис на работа“.

Еве како изгледа тоа: „Мало, оди таму преку улица се продаваа добри перници има ред, чекај ти и купи ми една“, не се зема во предвид што јас сум дошла на работа за да завршувам работни задачи. Или нешто вака на моето „Јас мислам“, одговорот беше „не си тука да мислиш, туку да правиш“, на моето „Зошто е така“, имаш „затоа што јас така кажав“. Често пати на такви работни места, наоѓаш еден колега/колешка кого го гледаш како заштита, и како можност да научиш. Истиот подоцна се претвара во една уште полоша верзија од овие што те праќале по бурек.

Не ги опишувам работните места кај нас како мачилишта, затоа што не треба да бидат такви. Туку посочувам колку би биле посилни кадрите на сите работни места, ако пред да вари кафе и купува бурек ги учат нововработените како да ги прават основните работи поврзани со работата. Така нема да се прислушкуваат разговори со цел да бидеш чекор напред за да научиш нешто и нема да имаш три години работно безискуство. Зошто го нарекувам вака? Затоа што во три години сигурно низ активности си научил доста работи, ама ако си ги учел сам, сигурно голем дел од нив се и погрешни. Како кога средношколец завршува средно, оди на факултет и не знае да пополни уплатница. Како погрешна дијагноза дадена на погрешен пациент на лекар, како погрешно напишан допис во администрација, како лажна вест на медиуми, како погрешна насока од психотерапевт. Така првовработен оди на прво работно место и не знае да си ги одбрани правата и да го побара она кое што му следува.

Првото работно искуство како што беше моето, беше исполнето со комплимети од стилот „Не бидете толку прости“, наместо „Да ти покажам, не мислиш дека вака е подобро?“. За среќа кога започнав да менувам работни места, сфатив дека не постојат само деструктивни колеги или надредени, туку постојат и ментори од кои можеш да учиш и кои се служат со речениците „Зошто не зборуваш со нас дека немаш мотивација? Ние сме за тоа тука, да те поддржиме“.

Целта ми е… За никого не е подобро ако јас одам да купам бурек, тоа знаев да го направам и пред моето прво работно место. Подобро е ако знам како да се вклучам, ако добијам дозвола да ја споделам мојата идеја и ако истата биде уважена. Како и да е, требаше најверојатно јас да знам подобро од тоа што го знаев тогаш.

Затоа што во образование сите те подготвуваат за тоа што ќе го работиш, ама никој не те подготвува за моментот со кого ќе работиш. Недостатокот во образованието на делот, емоционална интелегенција, личен раст и развој се забележува дури кога веќе поголем дел од времето сфаќаш дека го поминуваш на работа и дека тоа треба да биде здрава средина, во која нема токсични односи, надменост, слугување и наредбодаватели.

Се прашувам ако во Македонија ме праќаа по бурек, по што ќе ме праќаа во Шведска ако таму ми беше првото работно искуство? Или едноставно ќе ме оставеа да учам и работам паралелно со нив и ќе го користеа мојот потенцијал.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни